Економија
Почна „ФинХакатон2“ – осум тима смислуваат кампања за „МојДДВ#МојаНаграда“
Од денеска до недела во Министерството за финансии, во заедничка организација со Фондот за иновации и технолошки развој, осум тима ќе треба да одговорат на предизвикот на „ФинХакатон2: МојДДВ#МојаНаграда“ – да креираат иновативна маркетинг-стратегија за #МојаНаграда.
Како што истакна министерката за финансии, Нина Ангеловска, презентирајќи го предизвикот пред тимовите, целта на #МојаНаграда е преку иновативни решенија да се влијае на граѓаните да земаат фискални сметки и со тоа да се намали сивата економија.
„Пет месеци е во функција мобилната апликација ‘Мој ДДВ’ и таа ги дава резултатите. Наплатата на ДДВ е зголемена, има 180.000 граѓани што активно скенираат околу 8 милиони фискални сметки месечно или на дневно ниво 230-250.000 сметки. Со наградната игра одиме чекор понапред, да го зголемиме бројот на корисници, како и на скенираните сметки“, рече Ангеловска.
Таа посочи дека Европската комисија ги објавила најдобрите примери на земји што се избориле со сивата економија преку наградни игри и дека ваквата пракса почнува од 1960 во Тајван, каде што направиле лотарија со сметки по чие спроведување наплатата на данокот се зголемила 30 отсто.
Ангеловска на презентацијата рече дека наградната игра ќе почне во декември, како и дека ќе има мал редизајн на мобилната апликација „Мој ДДВ“, каде што ќе бидат вклучени месечните, тримесечните и дневните извештаи на скенирани сметки. Ќе има и форма за пријавување нерегуларности, односно ќе има копче преку кое ќе може веднаш да се пријави нерегуларноста ако не се добие фискална.
И Ангеловска и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски истакнаа дека „ФинХакатонот“ е одлична можност за младите да се афирмираат и да се развие кај нив претприемачкиот дух.
„Ме радува што нашата заедничка иницијатива со Министерството за финансии за ‘ФинХакатон2’ ги охрабри во најголем број студентите по маркетинг, графички дизајн и сродните науки. Од вкупно пријавени 8 тима, имаме дури пет од академијата ‘Бреинстер’, како и од три маркетинг-агенции, кои во своите тимови вклучија по тројца студенти. Ова е уште еден мотив да продолжиме со Владата да нудиме разни решенија и проекти. Со ова им покажуваме на младите, но и на бизнис-секторот, дека го вреднуваме нивниот талент и работиме континуирано младите креативноста да ја споделат дома бидејќи имаат реална шанса да дојдат до работен ангажман“, рече Деспотовски.
„ФинХакатон2: МојДДВ#МојаНаграда“ е наменет за маркетинг-агенции и други домашни компании регистрирани во согласност со Законот за трговските друштва, кои може да понудат иновативна маркетинг-стратегија. Со цел поддршка на младите, заинтересираните компании во својот тим мораа да вклучат и студенти со запишани студии од областа на економијата, правото, организациските студии, дизајнот, односите со јавност или сродни студии.
Од хакатонот треба да произлезе иновативна маркетинг-стратегија за следните 12 месеци за брендирање, предлог-концепт, дизајн, креатива, видеоконцепт, предлог за извлекувањата и прогласување на победниците за наградната игра „МојДДВ #МојаНаграда“. Буџетот за имплементирање на стратегијата за победничкиот тим ќе изнесува два милиона денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

