Македонија
(Видео) Извршителите на средби со граѓаните во неколку градови
Комората на извршителите најави дека редовно во неколку градови во земјата ќе организира отворени денови со граѓаните, а за овие средби во основните судови ќе треба да се обезбедат простории, каде што секој граѓанин ќе има можност да се сретне со извршител и да се информира за постапката на извршување и за своите права во неа.
„Зачестените протести од страна на граѓанските организации за работата на извршителите, односно воспоставениот систем на извршување во РСМ, нè поттикнаа да организираме отворени денови за консулстација на граѓаните за нивните права. Веќе идната среда во Основниот суд во Струмица од 12 до 14 часот граѓаните ќе може да се сретнат со извршител и претставник за комуникација со јавноста и да разговараат за својот предмет и да се информираат за своите права. Остануваме отворени за сите прашања на јавноста зашто како Комора сметаме дека според Уставот и законите сите се еднакви и како општество треба да водиме сметка за системот за владеење на правото“, рече Зоран Димов на прес-конференција во КИРСМ.
Детаљни информации за тоа каде и кога ќе се одржуваат овие средби граѓаните може да се информираат на официјалната веб-страница на КИРСМ и на телефонскиот број објавен на страницата.
На прес-конференцијата Димов истакна дека надлежните државни институции треба да продолжат со континуирана соработка со Комората и со примена на системот на интероперабилност на податоци да се овозможи пристап и до сите други потребни регистри со заштита на должникот како граѓанин.
Барањата на групата граѓани, кои секој вторник протестираат пред Министерството за правда и бараат да се престане со блокирање на сметките и извршувањето да се врати во судовите, од Комората не ги коментираат и тврдат дека постојниот Закон за извршувањето е преземен од Холандија и претставува столб за правната сигурност на доверителите и осигурување на финансиската дисциплина на должниците.
„Секогаш сме отворени да се сретнеме со претставници на граѓанските организации, но за нивните барања треба да одлучат надлежните институции“, рекоа од Комората.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денеска сончево, со температури до 19 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 15 до 19 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 17 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.

