Економија
Босанец го тужи „Фолксваген“, бара 750 милиони долари отштета
Босанскиот стопанственик Нијаз Хастор, сопственик на компанијата за производство на автоделови „Превент“, го тужи германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ под обвинение дека ја нарушува слободата на пазарна конкуренција и бара отштета во износ од 750 милиони долари, пренесува порталот „Новац.хр“.
Во тужбата се наведува дека „Фолксваген“ ги уценува малите добавувачи, користејќи ги својата моќ и големина да ги принуди на нефер работни услови и цени на услугите, како она дека на малите добавувачи им се забранува да го продадат својот бизнис на поголемите компании на добавувачи за да остварат подобра преговарачка позиција.
Тужбата поднесена во судот во Детроит се однесува конкретно на седум помали добавувачи на автомобилски делови за „Фолксваген“ во сојузната држава Мичиген, кои со договор се спречени својот бизнис да ѝ го продадат на друга компанија.
Хастор тврди дека тие договори со помалите добавувачи „Фолксваген“ ги склопува исклучиво за да ја оневозможат неговата компанија „Превент“, која се специјализирала за производство на автонавлаки, во понатамошни аквизации.
„Превент Група“ се развила токму благодарение на преземањето такви помали добавувачи на „Фолксваген“ низ светот.
Судејќи според информациите, Германците добро го познаваат Хастор, со кого соработуваат во последните 20 години. Во последниот судир меѓу „Превент“ и „Фолксваген“ во 2016 година, германските фирми-ќерки на „Превент“, „Кар Трим“ и „ЕС Аутомобилгус“, кои произведуваат кожни навлаки и кутии за менувачот, ја прекинаа испораката за „Фолксваген“, што го запре германското производство на автомобили една недела во најмалку половина од нивните погони.
Прекинот уследи откако „Фолксваген“ не сакал да му исплати на Хастор 58 милиони евра отштета, а потоа „Превент“ и „Фолксваген“ постигнаа нов договор за продолжување на испораката за уште шест години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

