Македонија
(Видео) Независните пратеници порачаа дека нема простор за враќање во ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката Емилија Александрова, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека не постои простор за помирување и враќање во редовите на ВМРО-ДПМНЕ со ова раководство. Таа не кажа како пратениците од ова група ќе настапат на избори и дали се подготвува терен за нова партија со вмровски предзнак.
„Помирувањето е долготраен процес, но во моментот не гледаме дека постои објективна политика кај раководството да нè врати како долгогодишни членови на партијата“, рече Александрова.
Таа на прес-конференцијата од Собранието побара оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поради, како што рече, лицемерниот однос кон членството и пратениците. Рече дека иницијативата што побарал да ја поднесат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за ратификација на протоколот е пример за ваквиот однос.
„Кога се одлучуваше за европската иднина, за гласање на уставните измени, пратениците беа притиснати во ќош. Одеднаш на Мицкоски му стана важен НАТО. Или во стилот на бугарското со Борисов ‘сичко е добре’, сега на ред е грчкото ‘не’, што во превод значи ‘да’. Не поддржуваме вакво лицемерие. Бараме Мицкоски да си даде оставка“, рече Александрова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Деновите поминуваат, а од СДС молк и не кажуваат дали Филипче има златна виза за Дубаи и како ја стекнал, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Деновите поминуваат но од СДС и Венко Филипче, молк. Иако изминатите неколку дена ги прашуваме да одговорат, дали по примерот на Зоран Заев и неговиот чувар на партиското претседателско столче, Венко Филипче поседува златна виза за Дубаи, одговор нема, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Или, пак, молчењето и на СДС и на Филипче е потврда за овие дилеми?
Јавно познато е дека човек со таков документ, златна виза, може се стекне со инвестиција која достигнува неколку милиони евра.
Оттука произлегува прашањето, колку милиони Венко Филипче однесе во Дубаи, за да стекне со таа златна виза исто како и неговиот водач, Заев, кој таму гради висококатница.
Имајќи предвид дека Филипче е поранешен министер за здравство и тоа ве периодот на најголемата светска криза во поновата историја, ковид кризата, дали во Дубаи го однесол ќарот од кризата, која тој ја претворил во можност за негова финансиска придобивка, како и од криминалот направен во тоа време“, прашуваат од владејачката партија.
Според нив, СДС, наместо да молчи, има обврска на јавноста да и даде прецизни одговори дали и Венко Филипче има и како ја добил златната виза за Дубаи.
Македонија
Маркетите од денеска со нова обврска: ќе треба јавно да ги објават цените на производите

Трговците се должни од денеска да ги објавуваат продажните цени на производите на нивните официјални веб страници.
Министерството за економија изготви Правилник за начинот на објавување на цените на стоките.
Ажурирањето на цените треба да се врши секој ден до 10 часот, а во случај на ненамерна техничка грешка, трговецот е должен да ја корегира грешката во рок од 24 часа.
Со ваквиот начин на објавување на продажните цени како што оценуваат надлежните, ќе се обезбеди транспарентност, поголема конкурентност и намалување на цените.
За оние кои нема да ја почитуваат, пропишани се глоби кои достигнуваат и до 10 илјади евра.
Мерката според најавите нема да важи за трговците кои имаат до 10 вработени.
Македонија
Променливо облачно со локални врнежи од дожд, особено претпладне

Времето денеска променливо облачно со локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 14, а максималната ќе достигне од 18 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и грмежи, особено претпладне. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност. Од почетокот на следната седмица повторно ќе настапи дестабилизирање на времето со локални врнежи од дожд и појава на грмежи.