Македонија
Шилегов: Сите имаат право на поквалитетен живот
По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 Декември, во Музеј на Град Скопје во организиција на граѓанската асоцијација „Цивил“ се одржа панел-дискусијата под наслов „Рампа“, посветена на (не)прифатеноста на лицата со посебни потреби во општеството, како и на процесите за деинституционализација и пристапноста до услугите од институциите на локално и на национално ниво.
Во дискусијата учествуваа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Душан Томшиќ и Вангел Тркаљанов од Министерството за труд и социјална политика, Благица Димитровска од Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово и Џабир Дерала од Цивил.
„Одбележувањето на овој ден е добра можност да се потсетиме дека Град Скопје во изминатиов период беше многу активен на полето на социјалната заштита. Во рамките на редовните активности продолживме и ја унапредивме долгогодишната поддршка на дневните центри кои работат со различна категорија на лица со попреченост како што се ‘Во мојот свет’, ‘Креатива Исток’, ‘Порака’ и уште неколку други. Продолживме и со бесплатниот јавен градски превоз и паркинг-услуги за лица со попречености, како и со финансиската поддршка на патувања низ земјата за здруженија на лица со попречености“, рече Шилегов.
Во текот на изминатите две години, посочи градоначалникот, Градот Скопје, освен редовните активности, реализира и многу нови активности во насока на подобрување на квалитетот на живот на лицата со попречености.
„Сакам да нагласам дека посветено работиме да им помогнеме на овие наши сограѓани , па така за првпат ангажиравме образовни асистенти за средношколците со посебни образовни потреби, обезбедивме стипендии за средношколците со попречености. Исто така, речиси во сите средни училишта каде што имаше можност обележавме паркинг за лицата со попреченост. На лицата со аутистичен спектар на однесување им овозможивме бесплатно користење на јавниот градски превоз. Тоа значи дека листата на корисници на привилегиран јавен градски превоз за лица со попречености се прошири дополнително и за лица со аутистичен спектар на однесување имајќи предвид дека се бележи пораст на оваа категорија на граѓани, особено кај младата популација“, кажа Шилегов.
Градот Скопје се приклучи на активностите на Министерството за труд и социјална политика во процесот на деинституционализација. Во таа насока го поддржува малиот групен дом во Скопје во кој се сместени лица од Заводот во Демир Капија. Преку Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори обезбедува 24-часовна грижа од негуватели за лицата сместени во домот. Исто така, обезбеди и помош и нега во домашни услови за лица со најтежок облик на интелектуална попреченост и комбинирани пречки од стручен тим составен од лекар специјалист по семејна медицина, медицинска сестра, физиотерапевт, социјален работник, психолог, дефектолог и негуватели.
„Овозможивме помагатели на ранливи целни групи меѓу кои се и лицата со попреченост. Во соработка со Црвениот крст на Град Скопје оваа година ангажиравме 12 помагатели да работат со 25 корисници од Скопје давајќи им ја негата и грижата што им е потребна. Финансиски го поддржавме отворањето на Дневниот центар за Даунов синдром и обезбедивме персонални асистенти кои работат со корисниците во домот. Во завршна фаза од изработка е и инклузивно игралиште во Бутел, кое треба да биде завршено овие денови, а паралелно се работи на инклузивно игралиште и во Карпош. Исто така, во завршна фаза на административните процедури е и проектот за отворање сензорна соба во градинката 11 Октомври во Радишани. На крај сакам да потенцирам дека продолжуваме со унапредувањето на социјалната заштита на нашите сограѓани. Овие две години покажавме дека успешната меѓуинституционална соработка е клучна за резултатите во секоја област. Оттука социјалната заштита останува високо на листата на приоритетите на градската администрација“, нагласи Шилегов.
Тој порача дека тргнувајќи од фактот дека Скопје е град за сите и сите имаме право на поквалитетен живот во средината во која живееме, Град Скопје во изминативе две години набави три нови возила за лица со попреченост; во Детскиот културен центар Карпош постави платформа за лица со попреченост со што се олеснува самостојно движење на лицата низ институцијата и во повеќе средни училишта се направени тоалети за лицата со попречености.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Македонија
Градот Скопје обезбедува сопствен стан, шелтер центар за заштита на жртвите од родово базирано насилство
На денешната седница на Советот на град Скопје беше донесена одлука со која се отвора можност еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Овој простор ќе овозможи итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје практично ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство. Оваа мерка претставува важен чекор напред во градењето на систем кој обезбедува сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот веќе ги подготви сите неопходни услови за објава на јавниот повик, кој ќе биде наменет за организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.
Со ова започнуваме нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење, со цел изградба на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара.
Македонија
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговараше за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот оствари и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви. На средбата беше разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
Учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.

