Свет
Џонсон и Трудо демантираа дека му се потсмевале на Трамп

Британскиот премиер, Борис Џонсон, го игнорира новинарското прашање за видеото во кое тој заедно со канадскиот премиер и францускиот претседател го исмева однесувањето на американскиот претседател, Доналд Трамп.
Во нивно друштво во Бакингемската палата беа и холандскиот премиер, Марк Рутеи, и британската принцеза Ана, а се слуша како Трудо по повод долгата конференција на Трамп, вели: „Штотуку гледавте како им паѓаат вилиците на луѓето од неговиот тим“.
„Навистина не знам за што се работи. Тоа е целосна глупост и не знам од каде дојде тоа“, рекол Џонсон запрашан за коментар за таквите наводи, пренесе АП.
Новинарите го прашале и Трудо да ја коментира видеоснимката, на што тој рекол дека има добри односи со Трамп. Тој објасни дека тие не се шегувале на прес-конференцијата што вчера ја одржа Трамп, туку на локацијата каде што ќе се одржи следниот самит на Г7, а тоа е Кемп Дејвид, службеното одморалиште на американскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лукашенко: Русија никогаш нема да се согласи да испрати европски мировни сили во Украина

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави денеска дека Русија никогаш нема да се согласи да испрати европски мировни сили во Украина.
„Што се однесува до испраќањето мировни сили во Украина, Русија никогаш нема да се согласи со тоа. Барем таков е ставот на Русија денес. Особено затоа што раководството на Европската унија, пред се во форма на Германија и Франција, моментално зазема многу агресивна позиција“, рече белорускиот лидер во интервјуто со американскиот блогер Марио Науфал, пренесува агенцијата Белта.
Тој рече дека без Украина „никој нема да ги реши прашањата за Украина“, а, како што наведе, рускиот лидер Владимир Путин ја потврдил подготвеноста за преговори за решавање на ситуацијата во Украина, вклучително и со украинската страна.
Белорускиот претседател претходно изјави дека не ја исклучува можноста САД да се обидат да предизвикаат политички конфликт меѓу Русија и Кина за време на преговорите за Украина.
„Не знаеме што сакаат САД. Ова го велам затоа што сум апсолутно навлезен во овие прашања. Не знаеме што ќе бараат од Русите за крај на војната и слично. Ми се чини дека сега ќе се обидат да ги свртат Русите против Кинезите“, рече Лукашенко, според неговата прес-служба.
Свет
Путин: Контактите со САД влеваат надеж, западните елити се решени да го нарушат дијалогот

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека првите контакти со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп влеваат одредени надежи, но дека западните елити се обидуваат да го нарушат дијалогот меѓу Русија и САД.
„Разбираме дека не сите се задоволни од обновувањето на руско-американските контакти. Некои западни елити се уште се решени да ја одржат нестабилноста во светот. И овие сили ќе се обидат да го нарушат или компромитираат дијалогот што започна“, рече Путин на продолжениот состанок на одборот на Федералната служба за безбедност (ФСБ), пренесува РИА Новости.
Како што наведе, Русија и САД имаат заедничка желба да работат на обновување на меѓудржавните односи, а Вашингтон денес покажува прагматизам и напушта многу стереотипи и клишеа на своите претходници.
„Постои взаемна решеност да се работи на обновување на меѓудржавните односи, на постепено решавање на колосалниот обем на акумулирани системски стратешки проблеми во глобалната архитектура“, рече Путин на проширениот состанок на одборот на ФСБ.
Според рускиот лидер, западната заедница почнала да се распаѓа, а дејствијата на Западот доведоа до „распаѓање на нивната внатрешна структура и криза на целиот систем на меѓународни односи“.
Тој посочи дека Русија никогаш не ја отфрлила можноста за мирно решавање на украинскиот конфликт и дека руските вооружени сили создале услови за почеток на сериозен меѓународен дијалог.
„Дијалог за фундаментално решение на украинската и другите кризи со мирни средства, ние секогаш зборуваме за тоа, никогаш не го отфрламе“, рече Путин и рече дека Русија ќе ги брани своите национални интереси и суверенитет од какви било закани.
„Денешните динамични промени во меѓународниот пејзаж во голема мера се резултат на храброста и решителноста на нашите вооружени сили, нашите херои. Токму тие со својата храброст и секојдневните победи создадоа услови за почеток на сериозен дијалог, дијалог за решавање на украинската и други кризи“, рече Путин на продолжениот состанок на ФСБ.
Тој посочи дека ФСБ е силна, сигурна и ефикасна врска во националната безбедност и ги повика припадниците на таа служба да преземат дополнителни мерки за заштита на државната граница.
Рускиот лидер предупреди дека бројот на терористички злосторства во Русија се зголемил во текот на годината, а речиси половина од нив, како што наведе, биле организирани од украинските специјални служби.
Тој посочи дека ФСБ, другите служби и агенциите за спроведување на законот, во координација со Националниот антитерористички комитет, мора да ги користат своите расположливи сили и ресурси што е можно поефикасно.
„Мораме решително и агресивно да се бориме против екстремизмот и тероризмот, да ги потиснеме сите обиди да се подели нашето општество, да се спротивстават претставниците на различни националности и религии. Многу добро разбираме дека тоа е една од линиите на напад на Русија, на нашата мултинационална и мултиконфесионална држава“, нагласи Путин.
Тој им нареди на членовите на ФСБ да го надгледуваат спроведувањето на Националниот одбранбен план и националните проекти.
„Вашето постојано внимание треба да биде насочено кон спроведувањето на Државниот одбранбен протокол и националните проекти, како и кон продолжување на долгорочните федерални и регионални програми“, рече Путин и ги повика членовите на одборот на Федералната служба за безбедност да постават приоритети за иднината, пренесува Танјуг.
Свет
Кремљ вели дека нема шанси за враќање на окупираните територии на Украина

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија нема намера да ѝ врати ниеден дел од окупираната територија на Украина.
„Тоа се територии што станаа дел од Русија и се вклучени во нашата државна уставна одредба како неотуѓив дел од Русија. Тоа е факт што ние апсолутно не можеме да го негираме или да разговараме“, рече Песков на дневниот брифинг со новинарите.
Според рускиот Устав, Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје се дел од Русија, иако руските сили не ги контролираат целосно овие региони, а Украина и меѓународната заедница ги сметаат за дел од Украина.
Изјавите на портпаролот на Кремљ доаѓаат еден ден откако и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров посочи дека Русија бара целосна контрола врз четирите региони.