Регион
Орбан, ако треба, ќе крева ограда и кон Хрватска
Унгарскиот премиер Виктор Орбан предупреди во четвртокот вечерта во Брисел дека неговата земја би можела да подигне ограда и на границата со Хрватска, каква што веќе изгради кон Србија, доколку од таму тргне поголем прилив мигранти.
На крајот од својата посета на Брисел, каде што се сретна со европските челници, унгарскиот премиер, кој беше пречекан со критики поради подигнувањето на заштитната ограда по должина на 175 километри долгата граница со Србија, на прес-конференцијата изјави дека, доколку биде потребно, ќе изгради таква ограда и на границата со Хрватска, пренесува агенцијата Hina. Виктор Орбан истакнал дека Унгарија мора да ги брани своите граници.
„Доколку мораме да подигнеме ограда меѓу Унгарија и Хрватска, тоа ќе го сториме“, изјавил Орбан, додавајќи дека тоа би било полесна работа, бидејќи постои природна пречка – река, отколку оној при подигнувањето на оградата кон Србија, каде таква природна бариера нема.
Орбан, исто така, нагласил дека Унгарија не сака да прими голем број муслимани.
„Сметам дека имаме право да одлучиме дека не сакаме голем број муслимани во својата земја. Не ни се допаѓаат последиците“, истакнал Орбан алудирајќи на 150-годишната историја на османлиско владеење со Унгарија во XVI и XVII век.
Европската унија се соочува со најголемата мигрантска криза од крајот на Втората светска војна. Оттаму, Европската комисија подготвува нов предлог за распределување на 120.000 мигранти од Грција, Италија и Унгарија во сите земји членки на ЕУ. Се подготвува предлог, кој претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, би требало официјално да го објави на 9-ти септември, во неговиот говор за ситуацијата во ЕУ во Европскиот парламент.
Со предлогот од мај за распределбата на 40.000 бегалци, кои дојдоа во Грција и во Италија, сега вкупниот број бегалци кои би требало да се распределат по ЕУ се искачи на 160.000. Притоа би се користел истиот критериум за распределување кој беше употребен и за првичната квота од 40.000 мигранти.
Но меѓу земјите членки не постои согласност и досега успеаја да се договорат за распределба на 32.000 луѓе. На задолжителните квоти за примање бегалци, особено се противат земјите од средна и источна Европа, кои и не се толку финансиски силни, а, постои стравување и од приливот на значителна бројка доселеници муслимани, со кои овие земји историски немале контакти, и имајќи ги предвид случувањата во западниот дел од континентот во контекстот на глобалната ситуација со тероризмот од радикални исламистички позиции.
Обврзувачките квоти ги поддржуваат двете највлијателни членки на ЕУ, Германија и Франција, за што во четвртокот се договорија канцеларката Ангела Меркел и претседателот Франсоа Оланд./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

