Македонија
Фатен убиецот кој со секира уби две кучиња во Аеродром
Вечерва бил приведен убиецот на Гоца и Макс – двете кучиња од населбата Аеродром, кои беа крвнички убиени со секира во септември годинава.
Станува збор за 17-годишниот Г. С., а бил приведен кога полицијата го идентификувала од снимките на околните камери на кои се гледало како тој ги убива кучињата.
Тој ќе одговара по член 233 од Кривичниот законик за мачење животни.
Крвавиот настан се случи во септември годинава кога утрината жителите од Аеродром на булеварот АВНОЈ ги пречека ужасна слика на искасапени кучиња.
„Едното го најдовме мртво, а другото испушти душа во најлоши маки на пат до ветеринарната станица, каде што го носеа активистите и се обидуваа да го спасат. Локви крв имаше насекаде, што значи дека убиецот ги бркал кучињата пред да ги убие“, сведочеа тогаш жителите.
Стануваше збор за две улични кучиња, Макс и Гоца, за кои жителите се грижеле со години и велеа дека биле неверојатни мирни и кротки миленици.
Пред речиси 3 години сред бел ден во Дебар Маало со секира беше убиен маалскиот миленик Идриз, а виновникот не се криеше. Љубителите на животни организираа протести, а убиецот заврши со изречена мерка за наплата на глоба со вкупен износ од 1.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

