Македонија
Стоилковски: Место да го истражи, Обвинителството сака да го преземе СЈО

Јавното обвинителство на Љубомир Јовески наместо истраги кон СЈО, денеска целосно сака да го преземе СЈО, онака како му е наметнато од власта, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Власта и Јавното обвинителство сè уште ги немаат суспендирано обвинителите и полициските службеници кои зеле илјадници евра од сметката на СЈО. И покрај излегувањето на аферата ‘Кеш’ во јавноста, власта не презема конкретни чекори за милионската афера. Наместо одговорност, денеска во Собранието Владата пушта предлог- закон со којшто СЈО преоѓа кај молчаливиот РЈО Љубомир Јовески“, рече Стоилковски.
Тој додаде дека статусот на вработените во СЈО требал да се реши со нов закон за јавнообвинителската сфера.
„Ова е гол обид на власта вака да ги спасува роднините и блиските на СДСМ непотистички вработени во СЈО. Власта на овој начин сака да го премости носењето закон за ЈО сфера еден од условите за датум, на начин без опозицијата, без консензус, без договор, без прифаќање на 4-те постулати за кои веќе ги прифатија, а беа поднесени од страна на опозицијата како дел на новиот закон за ЈО сфера по теркот на светските норми. Очекуваме одговорност за сите инволвирани во незаконските и расипнички дејствија во изминатиот период од СЈО. Доколку тоа не се случи сега, со сигурност ќе се случи по 12 април, кога со Обновата ќе се врати и правната држава“, порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
До 15 септември сите службени возила ќе имаат таблици во боја

Сите државни институции и јавни правни лица имаат обврска најдоцна до 15 септември 2025 година да ги заменат регистарските таблици на службените возила со нови, специјални таблици во боја. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, по иницијатива на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
Од СОЗР појаснуваат дека целта на оваа мерка е зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила.
Обележувањето на возилата ќе овозможи граѓаните лесно да ги разликуваат од приватните, со што ќе се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или партиски цели.
Во наредниот период ќе биде отворена и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилна употреба на службените автомобили. Секоја пријава ќе биде евидентирана и ќе се постапува согласно законските процедури.
Во завршна фаза е и изготвувањето на централен регистар за сите службени возила, кој ќе обезбеди дополнителна контрола и увид во нивното користење.
Македонија
Со 71 глас „за“, изгласана интерпелација на државниот обвинител Љупчо Коцевски

Собранието денес ја изгласа интерпелацијата на државниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од партијата „Левица“. Со 71 глас „за“, без воздржани и без гласови против, Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани.
Партијата Левица ја поднесе интерпелацијата минатиот месец поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Пред почетокот на седницата, на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Јован Митрески кажа дека партијата нема да учествува во гласањето оти интерпелацијата за јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, нема правни последици туку дека е негова одлука дали ќе остане на функцијата. Митрески нагласи дека како пратеничката група на СДСМ и Коалицијата останува на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се по словото на законот и никако поинакви.
Македонија
СДСМ: Лицето што го споменуваат ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бил личен шофер на Зоран Заев

Додека државата буквално гори, додека македонските шуми, пасишта, полиња се претвораат во пепел, ВМРО-ДПМНЕ штанца лаги од белата палата. Прво беа скакулците криви, кравите, СДСМ, Заев, утре ќе измислат некој друг, реагираат од СДСМ, на прес-конференцијата на Миле Лефков кој обвини дека шоферот на Заев е уапсен за подметнување пожар во Струмица.
„Очајни, бедни обиди за дефокус и тоа со истиот лик Миле Лефков. Вистината е лесно проверлива: лицето што го споменуваат никогаш не бил личен шофер на Зоран Заев ниту пак телохранител.Не можат да организираат итна интервенција на терен и да ги изгасат пожарите, па организираат лаги. Единствени виновни за пожарите се ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои се неспособни.Изгоре над 20% од територијата на државата. Нема нови возила, нема опрема, нема пожарникари, нема авиони. Има само лаги, прес-конференции и луксузни патувања“, велат од СДСМ.
Додека пожарите јадат шуми и домови, додаваат од таму, тие трошат народни пари на морски плодови, егзотично овошје и приватни авиони. Додека граѓаните гасат пожари со кофи и лопати, владата на ВМРО-ДПМНЕ троши милиони на телефони, ама нема денар за спасување животи и имот.