Спорт
Меси би му ја доделил „Златната топка“ на Мане
Лионел Меси во понеделникот шести пат ја освои „Златната топка“ на „Франс фудбал“. Во интервјуто што го дал потоа за „Канал плус“, Аргентинецот рекол дека е срамота што играч каков што е Садио Мане во изборот завршил на четвртото место.
Меси, официјално најдобар играч во светот за 2019 година, одговорил на прашањето на новинарот кој според него бил најдобар оваа година?
„Јас би го избрал Садио Мане. Срамота е што тој заврши на четвртото место“, рекол Аргентинецот и дополнил:
„Верувам дека е тешко да се избере бидејќи сите се добри на свој начин. Јас веројатно би гласал за Мане. Ми се допаѓа таков тип на играч“.
Меси во интервјуто истакнал дека луѓето не би требало да ја гледаат неговата игра според бројот на постигнати голови.
„Јас сум креатор, не сум стрелец“.
Лионел Меси досега во кариерата одиграл 701 натпревар за Барселона, а постигнал 614 гола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ферари демне: Наскоро ќе биде официјално – Њуи си заминува од Ред Бул
Еден од најзаслужните за успехот на Ред Бул во Формула 1 шампионатот, главниот инженер на австрискиот тим Адријан Њуи ќе го напушти актуелниот шампион во конкуренција на конструктори.
Како што пренесуваат многу европски медиуми, се е договорено и се очекува Ред Бул да ја потврди оваа вест пред почетокот на Големата награда на Мајами.
Њуи е најуспешниот дизајнер на автомобили во модерната Формула 1 и е член на Ред Бул од неговото основање во 2006 година. Причините за разделбата се наводно незадоволство од улогата што ја има во тимот и несогласување со тимскиот шеф Кристијан Хорнер.
Овој 65-годишник има актуелен договор кој е со важност до крајот на 2025 година, а за тоа досега не се огласил. Исто така, Ферари наводно веќе разговарал со Њуи и му испратил понуда за соработка.
Покрај загубата што би ја претставувало заминувањето на Њуи, тоа исто така потенцијално би го доведе во прашање статусот на трикратниот последователен светски шампион Макс Верстапен, кој е бескомпромисно лојален на Њуи и советникот Хелмут Маркo.
Њуи учествуваше во освојувањето на седум титули за возачи и шест конструктори за Ред Бул.
Во генералниот пласман сега води Верстапен со 110 бодови, а зад него е соиграчот Перез со 85.
Овогодинешниот шампионат во Формула 1 продолжува со Големата награда на Мајами од 3 до 5 мај.
Спорт
Турски милионер го купува Марибор
Турскиот милионер Ацун Иликали наскоро ќе го заврши преземањето на словенечки Марибор.
„Ги почитувам и другите клубови, Мура е успешен клуб, Олимпија е добро познато име во Европа, исто така и Марибор“, изјави тој за Спортклу Словенија“.
„На крајот морате да донесете одлука, баравме и размислувавме два месеци, но сега мислам дека тимот и јас одлучивме дека ова е вистинскиот проект со одлични навивачи, одлични луѓе и голем град. Ми беше многу важно да имам аеродром во близина бидејќи постојано патувам. Мал аеродром да доаѓам и заминувам, а работа да не трпи. Јас сум луд по фудбал и сакам да гледам што повеќе натпревари“.
Ова значи дека Марибор за прв пат во својата историја ќе има странски инвеститор.
Марибор 16 пати беше шампион на Словенија, освои девет Купа и четири словенечки Суперкупа, а три пати играше во групната фаза од Лигата на шампионите. Сезонава не им оди баш најдобро, се само третопласирани зад Целје и Олимпија.
Иликали веќе е сопственик на англиски Хал Сити, а претходно раководеше со холандската Фортуна Ситард и ирскиот Шелбурн.
Сопственик е на ТВ каналите TВ8 и TВ8.5, како и на турската дигитална платформа „Ексен“. Од 2018 до 2021 година тој беше на листата на 500 највлијателни бизнисмени во медиумскиот и забавниот сектор.
Спорт
Литванија со НБА ѕвезди во напад на олимписката виза
Домантас Сабонис и Јонас Валанчиунас сакаат да играат за Литванија на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Париз, изјави селекторот на кошаркарската репрезентација на оваа земја, Казис Максвитис.
„Имаа тешка сезона во НБА. Разговарав со двајцата, ме побараа планови за подготовка. Националниот Сојуз ги усогласува сите услови околу осигурувањето. Ветија дека ќе играат“, изјави Максвитис.
Сабонис и Валанчиунас последен пат заедно играа за Литванија на ЕП 2022 година. Валанчунас играше, додека Сабонис го пропушти СП минатат година.
Сабонис е член на Сакраменто кој не успеа да се пласира во НБА плеј-офот. Литванскиот кошаркар сезонава во НБА лигата имаше просек од 19,4 поени, 13,7 скока и 8,2 асистенции по натпревар.
Валанчиунас е кошаркар на Њу Орлеанс кој беше елиминиран од Оклахома во првото коло од НБА плеј-офот. Оваа сезона имаше просек од 12,2 поени и 8,8 скока по натпревар.
Литванија ќе игра во групата А на олимпискиот квалификациски турнир во Порторико против Мексико и Брегот на Слоновата Коска. Во групата Б ќе играат Порторико, Бахреин и Италија.
Турнирот ќе се игра од втори до седми јули, а на ОИ ќе се квалификува само победникот на турнирот.
Победникот на турнирот на Олимписките игри во Париз ќе игра со селекциите на Србија, Соединетите Американски Држави и Јужен Судан.