Култура
И „Холивуд репортер“ со извонредна рецензија за „Врба“
Познатиот филмски магазин „Холивуд репортер“ објави извонредна рецензија за „Врба“ на Милчо Манчевски. „Холивуд репортер“ е меѓу трите најголеми светски филмски магазини, заедно со „Вараети“ и „Скрин интернешенал“, кој, пак, исто така имаше одлична рецензија за филмот на Манчевски.
„Фасцинантен… заслепувачки…“, вели во рецензијата Дебра Јанг, една од најреномираните американски критичарки, која е добар познавач на делото на Манчевски уште од неговиот прв филм „Пред дождот“.
Таа вели дека со „Врба“ Манчевски се враќа во својата родна Македонија.
„Три жени копнеат за мајчинство во ‘Врба’, филм чии сензуални слики и временски периоди кои продираат еден во друг потсетуваат на незаборавниот ‘Пред дождот’ на Манчевски, кој во 1994 освои ‘Златен лав’ во Венеција. Временската рамка скока од средниот век до денес, но темата за мајчинството е бевременска и универзална“, вели Јанг и продолжува: „Комплексноста на овој навидум едноставен филм е како една приказна се влева во другата и ја осветлува на неочекувани начини. Пример за ова е како Манчевски ги споредува ритуалите, молитвите и жртвите што стерилните средновековни двојки ги изведуваат за да добијат дете со модерните практики како вештачко и ин витро оплодување: колку се слични надежта и очекувањата на идните родители; колку непредвидлив е успехот или неуспехот на лекот“, вели Јанг.
„Најфините филмови на Манчевски – а овој секако е меѓу нив – се обележани со врвна емотивна слика и уверливо командување со камерата, што често користи екстремно крупни планови за да ја одбележи телесноста во клучните емотивни моменти. Во првата епизода, кинематографијата на Тамаш Добош е со заслепувачка текстура и создава елементарен свет од житните полиња, праисториските камења и испотените, неизбришани лица. Но сите ликови се внимателно изградени и фасцинантни. Како врбата од насловот на филмот, што е асоцијација за отпорност, како и за липање, тие се соочуваат со солзлива гама на човечки катастрофи. Актерите се импресивни, но никогаш не најавуваат каде тргнале, всушност, расплетот на прикаските е непредвидлив, а крајот, иако убедлив, остава многу простор за размислување“.
Јанг вели дека младата Сара Климоска и Никола Ристески се „убедливи во нивните инстиктивни, нецензорирани реакции“, а „прекрасното хеловин-лице на Ратка Радмановиќ, која ја игра неумоливата вештерка, е за кошмари“, додека Камка Тоциновски игра со „природност до крајни граници“.
„Оваа приказна за копнежот да се стане родител, со убавиот изглед и префинетата актерска екипа ќе ги наполни арткината“, предвидува „Холивуд репортер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина пејачката Бади Бекир
Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.
Нејзиниот колега музичар Горан Алачки објави дека погребот ќе се одржи утре на градските гробишта „Бутел“.
Небахат Бади Бекир беше македонска пејачка на народна музика. Покрај соло кариерата, Бади понекогаш настапуваше со групата наречена „Четири грации“, каде покрај Бади беа и Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Тодоровска. Нарекувана е македонската Весна Змијанац.
Првите чекори на сцената ги прави во детските денови како член на играорна група изучувајќи го во исто време и македонскиот и турскиот фолклор. Како дебитант на музичката сцена се појавува во 1985 година на фестивал на забавни мелодии. Паралелно пее на турски, албански и македонски јазик. Најплоден период на нејзината кариера е за време на големите југословенски турнеи. По распадот на Југославија и се посветува на македонската фолк песна. Следат настапи на македонските фестивали, соработка со бројни автори и турнеја во австралија во 2002 година. Во 2004 година станува една од Грациите. Во 2006 година прославува 20 години постоење на естрадата.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.

