Македонија
Димовски: Во Собранието се штанцаат закони како никогаш досега
Собранието, за жал, стана нотар на Владата без можност за никаква длабинска и сериозна дебата, анализа, без мислење на стручната јавност, со драстичен број намалени јавни расправи и без одржување на каква било надзорна расправа во рамките на надлежностите на Собранието, изјави на прес-конференција Илија Димовски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Само во изминативе три дена во Собранието пристигнаа 41 предлог-закони од кои повеќето по скратена постапка, а во рамките на веќе закажаната 123. седница на Собранието, којашто треба да се одржи в среда. Вкупно на дневен ред во рамките на една седница се ставени 79 различни закони, од кои, пак, најголемиот дел се од економската и финансиската сфера во Република Македонија. За овие закони нема да има јавни расправи и за овие закони пратениците нема да имаат можност за длабинска анализа, консултации и за сериозен приод. Како никогаш досега во Собранието се штанцаат закони коишто единствена цел имаат СДСМ во текот на предизборниот период да купува гласови на еден крајно низок начин, да врши уцени кон бизнисмени и манипулации со граѓаните.
За да бидат фактите уште повеќе поразителни, сакам да ве известам дека во овој мандатен период од вкупно 425 закони коишто се влезени во процедура, 232 се по скратена постапка, односно 55% од законите во овој мандатен период се по скратена постапка. Сите добро ги памтите критиките на СДСМ за претходните мандати на Собранието кога бројот на скратени постапки во Собранието се движеше од 20 до 30%. Сега, 55% од законите коишто ова Собрание ги донело се по скратена постапка. Многу пати сме реагирале на ваквата злоупотреба на скратената постапка, но гледаме дека парламентарното мнозинство предводено од СДСМ продолжува со ваквиот начин на самоволно водење на Собранието.
На овој начин не се овозможува, посебно во период кока се разгледува буџетот на државата и кога во процедура се закони коишто имаат малку поголемо реформско значење, не се овозможува на пратениците доволно временски период да бидат во консултации со стручната јавност, но и темелно да пристапат кон работите. Нашата пратеничка група е посветена на обврските што ги има во Собранието и адекватно одговара со многу голем број амандмани кон овие закони, но би сакале да предупредиме дека во следниот период од 15, односно 20 дена овие закони, посебно од економската и финансиската сфера, ќе треба да се донесат, да стапат во сила и да се применуваат од 1 јануари.
Поголем проблем е тоа што сите компании во Република Македонија, односно стопански субјекти, ќе немаат можност адекватно да се запознаат со содржината на новите закони што Владата ги предлага. Дополнително владејачкото мнозинство дополнително работи на заобиколување на процедурите во Собранието. Покрај скратената постапка, и кога треба и кога не треба го вметнува и знаменцето на Европската Унија со што трпи сериозни критики и од амбасадорите на европските држави во Македонија. Исто така, сведоци сме на голем броја избрзани и неквалитетно изработени закони коишто потоа самата Влада или парламентарното мнозинство ги враќа во процедура, а имаат далекусежни последици за целокупното општество.
Затоа апелираме уште еднаш до парламентарното мнозинство предводено од СДСМ да не го злоупотребува овој период од преостанати дваесетина дена до истекот на мандатот на оваа Влада, да не ја силува работата во Собранието и да дозволи сите процедури и сите постапки да се движат во нормален тек. Да има простор и за јавна расправа, да има простор и за консултација со стручната јавност“, изјави Димовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.
Македонија
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, соопшти Фетаи
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, со што се потврдува дека е во целосна согласност со европските стандарди и демократските вредности, информираат од кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, во врска со Законот за соодветна и правична застапеност.
Со овој закон, додаваат во соопштението, ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа меѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди, од една страна, и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, од друга страна.
„Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, без да се наруши квалитетот и професионализмот.
Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата“.
Со ова законско решение, како што појаснуваат од кабинетото на Фетаи се зајакнува институционалниот интегритет, инклузивноста и довербата на граѓаните во системот, преку планирано и деполитизирано управување и примена на европските стандарди за добро владеење.
Делегацијата беше предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, придружуван од професорите по уставно право Тања Каракамишева Јовановска и Јетон Шасивари.
Македонија
Резолуција во Собрание за забрана на прифаќање мигранти – опозицијата ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да ја поддржат
Опозицијата се обединува против, како што беше наведено, тајните договори на Владата предводена од ДПМНЕ за прифаќање мигранти, соопшти претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче информираше дека на неговата покана се одѕвале претставници на сите партии од опозициската коалиција, со кои разговарале за, како што оцени, сериозноста на состојбата поврзана со договор за мигранти со Велика Британија. Според него, сите учесници се согласиле дека ваквиот модел претставува голема опасност за државата.
„Гледаме дека првите мигранти веќе пристигнуваат во Косово и во Албанија. Огромна е опасноста Македонија да биде вовлечена во ваков процес“, изјави Филипче, додавајќи дека опозицијата дала поддршка на предлог-резолуцијата за прекинување на процесот за примање мигранти.
Тој нагласи дека резолуцијата не е партиска, туку државничка и граѓанска иницијатива, која треба јасно да гарантира дека во Северна Македонија нема да се прифаќаат мигранти како резултат на тајни договори, разговори или условени кредити. Филипче ги повика ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски јавно да се изјаснат и заеднички да ја потпишат и изгласаат резолуцијата во Собранието.
На крајот, тој најави дека политичко-општествената акција ќе продолжи и ќе се проширува со претставници на граѓанскиот сектор, младите, синдикатите и студентите, со цел, како што рече, одбрана на државата, демократијата и безбедноста на граѓаните.

