Свет
Чавушоглу: Анкара не направи никакви отстапувања на самитот на НАТО

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Анкара не направила никакви отстапувања на неодамнешниот самит на лидерите на НАТО и дека одобрувањето на Турција за издавањето на планот на НАТО за Балтичкиот Регион зависи од признавањето на пактот за заканата од терористичката организација ЈПГ/ПКК од северна Сирија, јавува агенцијата „Анадолија“.
Тој рече и дека Турција набавила ракетни системи „земја-воздух“ – „С-4003 од Русија поради одбивањето на НАТО да им продаде слично вооружување.
„На Турција ѝ требаат противвоздушни системи. Дали се обидовме да ги купиме од нашите сојузници? Да, се обидувавме во последните 10 години. Но, не можевме да ги добиеме. Значи, тоа нема никаква врска со политика“, изјави Чавушоглу.
Чавушоглу ги даде своите изјави за време на посетата на Рим, каде што моментно се наоѓа за да присуствува на петтото издание на конференцијата „Медитерански дијалози“.
Осврнувајќи се на неодамнешниот поморски договор на Турција со Либија, Чавушоглу изјави дека Анкара е отворена за билатерални и мултилатерални договори во регионот на источен Медитеран, со единствен исклучок на администрацијата на кипарските Грци, која не ја признава.
Тој ја осуди одлуката на Грција за протерувањето на либискиот претставник во врска со поморскиот договор склучен минатиот месец помеѓу Триполи и Анкара велејќи дека Атина го покажала своето лице со тој чекор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Израел ја врши валканата работа на Западот; Захарова: Мерц е потомок на нацисти

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарава, ја коментира изјавата на германскиот канцелар, Фридрих Мерц, за конфликтот меѓу Иран и Израел.
Во интервју за јавната телевизија ЗДФ, Мерц рече дека Израел врши валкана работа за целиот Запад со напаѓање на Иран додавајќи дека има големо почитување кон Израел за неговата храброст да го стори тоа.
Тој исто така нагласи дека би било добро ако иранскиот режим заврши.
„Се справуваме со терористички режим, и внатре и надвор. Би било добро ако овој режим заврши“, рече германскиот лидер.
Мерц доби одговор од Русија.
„Мерц за конфликтот на Блискиот Исток рече: ‘Ова е валканата работа што Израел ја прави за сите нас’. Најстрашната фраза што некогаш сум ја слушнала. Ова го кажува потомок на нацистите, чиј дедо, Јозеф Пол Совињи, кога бил градоначалник на Брилон за време на Третиот Рајх, ги именувал улиците по Хитлер и Гебелс“, напиша Захарова на „Телеграм“.
Таа спомена дека Јоаким Мерц, таткото на сегашниот германски канцелар, исто така се борел против Црвената армија како член на Вермахтот.
„Истата Црвена армија што ги спаси затворениците од концентрационите логори од она што подоцна ќе се нарече холокауст“, рече таа.
Европа
Кинеските компании ја престигнуваат германската индустрија во традиционално силните сектори

Германската индустрија ја губи трката од кинеската конкуренција, а високите трошоци за енергија се нејзина најголема пречка, предупредуваат економистите и експертите од индустријата.
Германскиот извоз се намали за 1,7 процент минатата година, според статистиката, на речиси 1,65 милион милиони евра.
Вредноста на кинескиот извоз во странство се зголеми за 7,1 проценти минатата година, на 25,4 билиони јуани (3,04 милион милиони евра).
Кинеските компании водат жестоки ценовни војни на својот домашен пазар, а нивниот вишок капацитет претставува значителна закана за германската индустрија, предупредуваат економистите и експертите.
„Кинеските конкуренти го намалуваат јазот и се сè поактивни во сегментите на производи и индустриските сектори во кои германската индустрија традиционално била многу силна“, вели Филип Боинг, економист и професор по емпириско истражување на иновациите на Универзитетот „Гете“ во Франкфурт.
Во области, како што се дигитализацијата и генерираната вештачка интелигенција, кинеските компании „во некои случаи веќе ги надминаа технолошките можности на германските конкуренти“, додаде Боинг.
Германското индустриско производство е во опаѓање веќе десет години, предупредува Јенс Бурхарт, експерт за индустријата и партнер во меѓународната консултантска куќа BCG.
Според Бурхарт, енергетски интензивните сектори, како што е производството на основни хемикалии, се изложени на најголем ризик.
Високите трошоци за енергија исто така го загрозуваат автомобилскиот сектор и се главната причина за слабеењето на конкурентноста на германските компании, нагласува тој.
„Германските производители (на автомобили) ќе ја задржат својата сегашна позиција ако изградат позиција во сегментот на електрични погонски системи, што може да се совпадне со нивната традиционална позиција во сегментот на мотори со внатрешно согорување“, рече тој.
Покрај хемискиот и автомобилскиот сектор, сè пожестоката кинеска конкуренција исто така им дише во вратот на германските компании во сектори, како што се машинството и електроиндустријата, сметаат во BCG.
Свет
По 160 години, долниот дом на британскиот Парламент ја поддржа декриминализацијата на абортусот

Пратениците во долниот дом гласаа за декриминализација на абортусот во Англија и во Велс, историски потег што ќе донесе најдалекосежна промена во репродуктивните права во последните децении. По емотивна и страсна дебата, пратениците гласаа за реформата со 379 гласа „за“ и 137 „против“.
Тие со огромно мнозинство го поддржаа амандманот на пратеничката од Лабуристичката партија, Тони Антонијаци, за отстранување на заканата од истрага, апсење, гонење или затворање за секоја жена што дејствува во врска со сопствената бременост, пишува „Индипендент“.
Реформата е дизајнирана да ги заштити жените, а воедно да ги задржи казните за насилните партнери или медицинските професионалци што прекинуваат бременост надвор од постојната законска рамка. За време на дебатата пратениците тврдеа дека британскиот т.н. викторијански закон за абортус „сè повеќе се користи против ранливи жени и девојки“.
Според сегашниот закон, абортусот во Англија и во Велс е кривично дело, но е дозволен до 24. недела со одобрение од двајца лекари. Исто така, дозволено е во одредени околности по тој период, како, на пример, кога животот на мајката е во опасност.
На жените може да им се препишат и лекови за прекинување на бременоста дома ако се бремени помалку од 10 недели.
Поддршката за реформа на законот порасна во последните години, што се совпаѓа со зголемувањето на бројот на гонења жени обвинети за вршење нелегални абортуси.
Сепак, потегот наиде на силен отпор од министерката за правда, Шабана Махмуд, која ги опиша реформите како екстремни.
Антонијаци вели дека полицијата истражувала повеќе од 100 жени во текот на изминатите пет години под сомнение за нелегални абортуси, вклучувајќи жени што доживеале спонтани абортуси и мртвородени деца.
„Секој од овие случаи е пародија, овозможена од нашиот застарен закон за абортус. Првично беше донесен од машки парламент избран од мажи. Овој викторијански закон сè повеќе се користи против ранливи жени и девојки“, рече Антонијаци.