Спорт
Јунајтед докажа дека Манчестер е се уште „ѓаволски“ град (видео)
Градското дерби на Манчестер му припадна на „ѓаволскиот“ тим. Јунајтед на теренот на Сити славеше победа со 2-1.
Пулените на тренерот Солскјер одиграа одлично прво полувреме, комплетно го изненадија англискиот шампион, а затекнат од изданието на младите фудбалери во црвени дресови беше и Пеп Гвардиола.
По денешниот пораз, заостатокот на „граѓаните“ до Ливерпул е цели 14 бода.
Иако имаше возбудувања на двете страни од самит почеток на мечот, сепак Рашфорд беше стрелец на првиот гол на дербито. Тој погоди во 23 минута од пенал по стартот врз него од страна на Бернардо Силва. Неколку минути претходно токму Рашфорд имаше идеална прилика да го совлада голманот на Сити, но неговиот удар заврши во пречката. Не се чекаше долго до вториот гол. Марсијал во 29 минута доби употреблива топка од Џејмс и стрелеше прецизно во мрежата на Едерсон.

Во текот на мечот, Сити во два наврати бараше судијата да покаже на белата точка во нивна полза, а првиот пат тоа се случи пред крајот на првото полувреме. Фред играше со рака, но судијата не досуди ништо.
Вториот спорен момент беше во 70 минута. Стерлинг беше срушен во казнетиот простор на Јунајтед, но повторно не беше досуден пенал.
Голот за надеж за можен пресврт на Сити беше дело на Отаменди во 85 минута, но до крајот на мечот немаше промена на резултатот.
По овој пораз, Манчестер Сити е на третото место во Премиерлигата со 32 бода, со -14 од Ливерпул и -3 од второпласираниот Лестер.
Јунајтед сега се искачи до петтата позиција на табелата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Бисума жртва на измама, останал без милиони евра
Играчот од средниот ред на Тотенхем, Ив Бисума, наводно е жртва на голема измама во која изгубил повеќе од 800.000 фунти (околу 950.000 евра), а средствата биле префрлени од неговата банкарска сметка без негово знаење.
Загубата, како што е наведено, се случила помеѓу септември 2022 и јуни 2024 година, а осомничениот бил уапсен пред повеќе од една година и се соочува со затворска казна, пишува „Goal.com“.
Според „Сан“, Бисума претрпел значителни финансиски загуби предизвикани од Морис Гомес (31). Тој бил приведен во 2024 година откако фудбалерот го пријавил кај властите.
Полицијата потврди дека во октомври оваа година, Гомес бил обвинет за „две обвиненија за измама со лажно претставување“. Доколку биде прогласен за виновен, максималната казна за секое кривично дело е 10 години затвор.
Парите наводно биле префрлени од ВИП банкарската сметка на Бисума кај Кутс – банка што ја користат голем број познати личности, вклучувајќи милијардери и членови на кралското семејство.
Судските документи наведуваат дека Гомес „нечесно си ги префрлил парите на Бисума без знаење или согласност од ѕвездата на Премиер лигата“.
Обвинителите тврдат дека тој стои зад нелегалните трансфери во вкупен износ од 834.334,40 фунти, дејствувајќи „за лична корист“. Сè уште не е јасно како Гомес можел да пристапи до сметката.
Бисума, кој заработува 50.000 фунти неделно и живее во куќа од 1,4 милиони фунти, треба да се појави на суд и се очекува да даде докази.
Освен финансиските проблеми, Бисума имаше и други непријатности. Во јуни 2024 година, часовник вреден 255.000 фунти му бил украден додека фудбалерто се наоѓаќ во Кан. Инцидентот се случи околу 4 часот наутро пред луксузниот хотел каде што бил со својата партнерка.
Оваа сезона, 2025/26, тој сè уште не запишал настап за Тотенхем, а својот последен натпревар го одигра на 25 мај против поранешниот клуб Брајтон. Неговиот договор истекува во летото 2026 година, кога ќе стане слободен агент.
Спорт
Роналдо објасни зошто не дошол на погребот на Жота
Интервјуто што Кристијано Роналдо му го даде на Пирс Морган предизвика големо внимание, и иако сè уште не е објавено во целост, се појави и интересен сегмент поврзан со неговото непојавување на погребот на Диого Жота.
Диого Жота загина во сообраќајна несреќа на 3 јули 2025 година заедно со неговиот помлад брат Андре.
На погребот пристигнаа голем број соиграчи од Ливерпул и португалската репрезентација, но не и Роналдо.
Во тоа време, тој беше критикуван во јавноста, на критиките Роналдо не реагираше.
„Две работи, луѓето многу ме критикуваат. Како што реков, не ми е гајле за тоа, бидејќи кога чувствуваш дека твојата совест е чиста и слободна, не мора да се грижиш што велат луѓето“, рече Роналдо, а потоа продолжи:
„Но, едно од нештата што не ги правам е тоа што откако почина татко ми, никогаш повеќе не отидов на гробишта. Второ, ја знаете мојата репутација, каде и да одам, има циркус. Не одам затоа што ако одам, целото внимание е врз мене, а јас не сакам такво внимание.“
Потврди дека сè уште стои зад својата одлука.
„Луѓето сè уште можат да ме критикуваат, се чувствувам добро поради оваа одлука. Не морам да бидам во преден план за луѓето да ме видат, планирам работи, мислам на неговото семејство. Не морам да бидам пред камерите за луѓето да видат што правам. Го правам тоа зад сцената“, заклучи Роналдо.
Спорт
Одреден е датумот на ждрепката за плејофот за СП – Македонија блиску до место во баражот
Ждрепката за интерконтиненталниот и европскиот плејоф за пласман на Светското првенство ќе се одржи на 20 ноември во Цирих, со почеток во 13 часот.
Како што објави ФИФА, 22 селекции ќе имаат дополнителна шанса да стигнат до Светското првенство преку плејофот, 16 од Европа и шест преку Интерконтиненталниот бараж, во натпревари што ќе се играат од 23 до 31 март следната година.
16 репрезентации поделени во четири секции ќе играат во европскиот плејоф. Дванаесет места се загарантирани за второпласираните во квалификациските групи, а четири за најдобрите селекции од претходната Лига на нации кои не се меѓу двете првопласирани во квалификациските групи.
Ќе се играат четири турнири, со полуфинале и финале, а само победниците ќе одат на СП.
Македонија е блиску до место во баражот преку Ј групата. Во последниот натпревар од групната фаза Македонија ќе гостува во Кардиф, кај селекцијата на Велс.


