Македонија
Министерство за здравство: Нема нов тендер, уништен е турски инсулин без проверен ладен ланец и без сертификат
ВМРО-ДПМНЕ да престане да манипулира сакајќи да собере политички поени на сметка на здравјето на пациентите, реагира министерството за здравство на обвинувањата на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, во врска со инсулинот, кој според нив бил уништен пред да му помине рокот, предвиден од производителот.
„Во врска со повторно изнесените невистини, Министерството за здравство го потенцира следново:
Прво, уништен е турски инсулин од стоковите резерви и станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на претходната влада, без проверен ладен ланец, без познато потекло и без оригинал сертификати. ВМРО-ДПМНЕ знаеле за ова. Должни се да одговорат зошто си играле со здравјето на пациентите?
Второ, инсулинот од паралелен увоз е од времето на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните памтат и знаат, манипулациите нема да пројдат ни сега.
Трето, нов тендер за набавка на инсулини НЕМА, затоа што за тендерот од 2018 година веќе се склучени договорите. Количините од стоковите резерви не се никако поврзани со количините за тендер.
Четврто, воведени се три нови типови на инсулин, кои се најнова генерација на лекови – оригинални, со сертификат за квалитет и не се од паралелен увоз. Сега граѓани примаат оригинални инсулини. Не е како порано, да примаат инсулин без проверен ладен ланец и без оригинал сертификати.
Петто, во 2018 година се донесоа измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства. Оттогаш, сите лекови во нашата држава се со сертификат за квалитет. Нема повеќе инсулини од паралелен увоз.
Шесто, претходната Влада им го скрати буџетот на пациентите со дијабетес. Во 2016 година буџетот за оваа ставка изнесувал 730 милиони денари, а 2017 година го намалиле и изнесувал 562 милиони денари. За 2020 година, предвидено е да изнесува 750 милиони денари. Зошто покрај инсулините од паралелен увоз го намаливте и буџетот? Тоа не е вистинска грижа за пациентите!“ велат од СДСМ.
Оттаму велат дека уништувањето на инсулинот е од стоковите резерви и станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на претходната влада. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ многу добро знаела што значи уништен инсулин од паралелен увоз од стокови резерви.
„Прашајте ги пациентите дали биле задоволни од паралелниот увоз на инсулин. И прашајте ги сега, колку се задоволни.
Апелираме до политичката партија да престане со манипулациите. Колку повеќе манипулира, толку повеќе вистината излегува на виделина. Уништениот инсулин од стоковите резерви е од времето на претходната Влада“ се наведува во реакцијата на министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

