Македонија
СДСМ: Мицкоски призна дека ВМРО-ДПМНЕ има незаконски долг од 400.000 евра

„Портпаролот на Никола Груевски, Христијан Мицкоски денеска конечно призна дека неговата ВМРО-ДПНЕ има незаконски долг од 400.000 евра за кампањата на Гордана Сиљановска“, велат од СДСМ преку соопштение.
„Спротивно на членот 71 од Изборниот законик каде што јасно стои дека сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на таа сметка. Сметката е затворена а незаконскиот долг од 400.000 евра не може да се врати од друга сметка. Прашање е зошто тие фирми молчеле за овој долг и тоа е нова димензија на оваа афера. Скандалот, најновата афера во ВМРО ДПМНЕ мора да се расчити, особено што е поврзан и со фирми на Орце Камчев, осомничен во предмети на СЈО“, велат од СДСМ.
Владејачката партија додава дека Мицкоски признал оти ВМРО-ДПМНЕ продолжува со старите криминални навики, сметки за изборни кампањи полни со долгови, исто како во времето на Груевски и дупката од 3.5 милиони евра.
„Сега, Мицкоски треба да се охрабри и да одговори што финансирале фирми на Орце Камчев за ВМРО ДПМНЕ? Дали долгот има врска со рекет во самата ВМРО ДПМНЕ? Со секој нов ден на виделина испливуваат лагите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Таков е случајот и со Законот за употреба на јазици со кој Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со месеци ги плашеа граѓаните. Денес, се покажа дека никој нема да плаќа казни ако не знае албански, дека никој никој не е принуден да учи албански или каков било друг јазик, дека институциите не се блокирани заради Законот за употребата на јазиците, како што со месеци лажеа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, смета СДСМ.
Од владејачката партија додаваат дека граѓаните на 12 април ќе ги поразат политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце откриени непријавени луксузни часовници вредни 38 илјади евра

Царинските службеници на граничниот премин со Србија, Табановце – Прешево, спречија обид на српски државјанин да криумчари во ранец два „Ролекс“ и еден „Омега“ часовник со вкупна вредност од 2,34 милиони денари или 38 илјади евра.
Против лицето е поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело – криумчарење.
Непријавените часовници, Rolex Submariner, Rolex Sky-Dweller и Omega Speedmaster, се пронајдени при детален преглед на возилото и патниците кои патувале со автомобил со српски регистарски таблички. Возачот, со намера да ја избегне царинската контрола, ги ставил часовниците во една мала кожна кутија, која ја сместил во неговиот црн ранец заедно со други предмети за лична употреба.
Запленетите производи се предадени на Основно јавно обвинителство Куманово.
Македонија
Герасимовски: Исчистивме и измивме околу контејнерите во Буњаковец и во Дебар Маало, продолжуваме во цел Центар

Општина Центар изутринава започна со интензивна акција за миење и чистење на просторот околу контејнерите во населбите Буњаковец и Дебар Маало, со цел подобрување на јавната хигиена и овозможување почиста и поздрава средина за центарци.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека чистите улици не се прашање само на изглед, туки и на здравје и квалитет на живот, а приоритет на општината е да биде место кадешто хигиената и редот се видливи на секој чекор.
„Секојдневно вложуваме напори да создадеме уредна и хигиенска средина во која граѓаните ќе се чувствуваат пријатно и безбедно. По завршување на чистењето на самите контејнери, општинските служби спроведуваат дополнителни активности за миење на површините околу нив, со што се спречува ширење на непријатни миризби и се намалува ризикот од појава на нечистотии и зараза. На овој начин обезбедуваме поголема хигиена на јавните простори и го унапредуваме квалитетот на живот на граѓаните. Нашата цел е Центар да биде пример за чиста и уредена општина, бидејќи секој граѓанин заслужува да живее во здраво и уредено опкружување. Преку овие активности го подигнуваме како нивото на јавната хигиена, така и свеста кај граѓаните“, вели Герасимовски.
Акцијата продолжува и во текот на утрешниот ден во други две населби во Центар.
Македонија
Николоски се сретна со унгарскиот министер за национална економија: Регионалните проекти во инфраструктурата и транспортот се заеднички приоритет за двете држави

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на посетата на Унгарија, денеска оствари средба со министерот за национална економија на Унгарија, Мартон Наѓ.
На средбата се разговараше за движечките проекти на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, планираниот економски раст, нови инвестиции и актуелни политики.
Исто така се разговараше и за економските политики на Владата на Унгарија и нивниот план за раст како и можностите за уште позасилена економска соработка помеѓу двете држави.
Регионалните проекти во инфраструктурата и транспортот се заеднички приоритет на Македонија и Унгарија, како услов за забрзан економски раст и подобра поврзаност во регионот. Договорот Влада со Влада кој се потпиша помеѓу Македонија и Унгарија исто така носи големи придобивки за граѓаните на двете земји, потврдија двајцата министри.
Односите меѓу двете земји се на одлично ниво и истите ќе се интензивираат во делот на економијата и инвестициите.
Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, од вчера е во посета на Будимпешта и присуствува на прославата на Националниот ден на Унгарија.