Македонија
(Видео) Камчева: Во стан во Капиштец ми бараа милиони евра за сопругот
Сопругата на бизнисменот Орце Камчев, Ана Камчева, го почна сведочењето за случајот „Рекет“. Камчева рече дека на 9 ноември 2018 година, половина час по полноќ, сопругот ја разбудил и ѝ рекол дека во шест часот наутро ќе се прави претрес кај нив дома по информација од Зоран Милевски, кој бил близок со Бојан Јовановски, и така и се случило. Станува збор за предметот „Империја“, што го отвори СЈО.
„Во шест часот имаше претрес, во 10 претрес во фирмите на ‘Орка холдинг’, а попладнето Јордан беше изнесен пред судија на претходна постапка“, сведочеше Камчева. Таа рече дека првпат Катица Јанева ја запознала вечерта кога биле изнесени осомничените од „Империја“ во судот. Камчева рече дека обвинителката Лиле Стефанова се однесувала недолично и на адвокатот Антонио Апостолски му рекла дека ништо не ѝ може бидејќи моќта е кај неа.
Подоцна, Зоран Милевски, кој бил човек од доверба на Камчев, договорил средба во стан во скопски Капиштец со адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова. Таа рече оти Димишков знаел дека за нејзиниот сопруг ќе има кривичен прогон и дека треба да соработува со него бидејќи ќе помине полесно.
„Ми рече дека сестра му Весна Димишкова е во блиски односи со обвинителката Лиле Стефанова…“, изјави сопругата на Камчев. За слободата на Камчев требало да исплатат 2, 4 или 6 милиони евра во зависност од ситуацијата.
„Рече дека сумата е голема зашто предметот е специфичен и треба со таа сума да се пензионира сестра му. Бев вознемирена и плачев, но и изненадена што не ја знаеше крајната цена за „Рекет“, рече Камчева. Му требало еден ден да размисли, а и таа да се консултира со сопругот.
„Му реков – ние немаме предмет, имаме проблем…“, изјави сопругата на бизнисменот.
Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“.
Ексшефицата на СЈО му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.
Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.
Обвинетиот Зоран Милевски договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.
Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра.
Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувањето, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари. Милевски призна вина и доби три години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.

