Македонија
(Видео) Стоилковски: Чекаме реакција од Јавното обвинителство да го испита случајот со уништениот инсулин
Аферата со уништување инсулин покажува дека се фатени живи во сомнеж за постоење криминал. Документите несомнено покажуваат дека уништен е инсулин со валиден рок на траење. А сето ова отвора простор за кривично гонење од Основното јавно обвинителство, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Аргументите на Министерството за здравство се лажни и неуверливи. Јавно ги повикуваме да го објават датумот кога уништениот инсулин е набавен. Ако се знае дека нема инсулин со рок на траење поголем од две години, а уништениот имал рок на траење уште 6 месеци, јасно е дека инсулинот е набавен во време на оваа власт. Дополнително, Министерството за здравство нема никакво образложение за причините зошто тој инсулин го прогласува за сомнителен.
Напротив, ова е известување на Aгенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) од октомври 2017 година, што покажува дека е направена анализа на инсулинот, при што констатирано е дека инсулинот е во одлична состојба и не се најдени никакви недостатоци.
Го повикувам Венко Филипче да каже кога е произведен инсулинот што беше уништен, а беше со рок до јуни, односно до јули 2020 година. Ова известување на Агенцијата покажува дека Венко Филипче лаже кога тврди дека порано е набавуван инсулин со сомнителен квалитет. Ова е непобитен доказ дека е уништен здрав инсулин. Ова отвора сомнеж дека Владата и Филипче уништиле здрав инсулин за да има нов тендер, каде што добитник ќе биде компанија блиска до власта. Филипче треба кривично да одговара за овој скандал.
Јавното обвинителство би требало да реагира во согласност со своите обврски, да реагира по допрен глас. Да реагира по сè што е укажано од ВМРО-ДПМНЕ, досега оваа партија неколкупати го има посочено Јавното обвинителство како место каде што се закочуваат правото и правдата и се отвора сомнеж за правната држава во оваа земја. Злоупотреба на службена должност не е само да се сработи нешто, туку и непостапување е кршење на службената должност во Јавното обвинителство. Чекаме одговор од Венко Филипче, а чекаме и реакција од Јавното обвинителство да го испита случајот“, порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновски – Мејер: Нашите држави негуваат пријателски односи, идната соработка има потенцијал
Претседателот на Пратеничката група за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и од Карибите, Кире Божиновски, и членовите: Рашела Мизрахи и Беким Сали, остварија средба со нерезидентниот амбасадор на Аргентинската Република надлежен за Република Северна Макединија, Алехандро Зотнер Мејер, придружуван од дипломатите Даниел Котини и Хуан Игнасио Камио.
Претседателот Божиновски, на почетокот на средбата, му посака на амбасадорот Мејер добредојде и изрази задоволство за можноста директно да разговараат за унапредување на соработката меѓу двата парламента.
Тој информираше дека веќе е воспоставена заемна комуникација со претседателката на Групата за пријателство за Европскиот регион на Националниот конгрес на Атина, Кармен Алварез Риверо при што е искажан заеднички интерес за унапредување на меѓусебната комуникација и соработка.
Амбасадорот Мејер изрази задоволство од посетата, и ги запозна присутните со моменталната состојба во Аргентина, а беа рагледани и можностите како таа да се подобри во иднина.
Двајцата соговорници истакнаа дека двете држави имаат пријателски односи, немаат отворени прашања и затоа меѓусебните пријателски односи имаат добра перспектива.
На мултилатерален план, Божиновски ја сподели веќе договорената заемна поддршка за две активни кандидатури на двете земји, односно, Северна Македонија се обврза да ја поддрши аргентинската кандидатура за Советот на меѓународната поморска организаија за период 2026-2027, додека Аргентина ќе ја поддржи кандидатурата на Северна Македонија за ЕКОСОК за период 2027-2029.
Пратеничката Рашела Мизрахи, изрази уверување дека соработката меѓу двете земји во наредниот период ќе биде продлабочена и оваа Група за соработка може да направи многу повеќе на тоа поле.
На крајот од средбата Мејер упати покана до Групата за возвратна посета на Националниот конгрес на Аргентина.
Македонија
Утре почнува собирањето потписи за независни кандидати за градоначалници во четири општини
Утре, 21 ноември 2025 година, започнува постапката за собирање потписи за кандидирање независни кандидати за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, соопшти Државната изборна комисија.
Потписите ќе се собираат пред службените лица во надлежните подрачни одделенија и канцеларии на ДИК, како и пред нотар, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот. Последниот ден, 30 ноември, постапката ќе трае до 24 часот.
Подрачното одделение на ДИК во Гостивар е надлежно за собирањето потписи за кандидатите за градоначалници на Гостивар, Маврово и Ростуше и Врапчиште, додека канцеларијата на ДИК во Дебар е надлежна за општина Центар Жупа.
Постапката за собирање потписи завршува на 30 ноември во 24 часот.
Повторените избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа се закажани поради непостигнат цензус на локалните избори од 19 октомври 2025 година, по што во овие општини не беа избрани градоначалници.
Скопје
Се санира паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Кисела Вода
Во завршна фаза е санацијата на паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“, проект што се реализира преку партнерство меѓу Општина Кисела Вода и компанијата „Пелистерка АД Скопје“. Станува збор за значајна интервенција на простор кој долго време се наоѓаше во незавидна состојба и бараше целосно обновување.
Во рамките на активностите извршено е целосно поплочување со нови павер елементи на површина од 420 м². Изградени се две нови пешачки патеки, санирани се скалите од амфитеатарот, обновен е споменикот, поставена е нова водоводна инсталација на која ќе бидат монтирани нови чешми, а во тек се работите на новата фонтана.
Паралелно со овие зафати, Општина Кисела Вода постави нови даски за седење кај амфитеатарот, го оплеменува просторот со ново зеленило, поставува ново парковско осветлување и современа урбана опрема, со што паркот добива попријатен изглед.
Очекувањата се дека за три седмици целиот простор ќе биде целосно готов и ставен во функција.

