Црна хроника
Воз удри во автомобил во Велес, две момчиња повредени

Две момчиња се повредени во тешка железничка несреќа што се случи синоќа околу 21.30 часот на преминот кај населбата Керамидна во Велес.
Како што јавува велешкиот портал „Лисица“, автомобилот марка „форд“ се движел од градот кон населбата.
Светлосните сигнали на преминот сигнализирале доаѓање на воз, дури пред пругата имало и автомобил кој чекал да помине возот, но момчињата во „фордот“ го заобиколиле автомобилот и тогаш патничкиот воз удрил во нив.
За среќа ударот бил странично во задниот дел на автомобилот, а момчињата од силината на ударот излетале од автомобилот кој завршил во столбот на кој е поставена светлосната сигнализација.
Полицијата извршила увид, а двете момчиња се пренесени на хируршкото одделение во велешката болница.
Од таму информираат дека кај момчињата на возраст од околу 20 години, направени се компјутерски и лабораториски испитувања. Констатирани се повреди на главата, и поради сериозноста на повредите се задржани во болница.
Преминот на кој се случи железничката несреќа е обезбеден со светлосна и звучна сигнализација. Го нема железничарот кој во минатото го регулираше сообраќајот.
Жителите од населбата негодуваат, бараат овој премин да биде обезбедуван од вработен во Македонски Железници./крај/лисица
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Жена од Илинден пријавила дека такси возач ја вознемирувал и ја допирал по телото

Вчера во Полициското одделение Петровец, 37-годишна жена од населено место во општина Илинден пријавила дека на 15 септември, 30 минути по полноќ, такси возач наместо да ја однесе до нејзиниот дом, почнал да ја допира по телото.
Откако му се спротивставила, возачот престанал и ја однел до нејзиниот дом.
Жената го пријавила инцидентот и во такси-компанијата каде што возачот бил вработен, по што тој бил отпуштен од работа.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Сведок почина во граѓанскиот суд во Скопје

Вчера во полицијата било пријавено дека во Основниот граѓански суд Скопје починал З.Д., кој бил сведок на судење.
Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција, соопшти МВР во дневниот полициски билтен.
Црна хроника
Пациент во Тетово нападнал лекар и полицаец во болница

Полицијата од Тетово вчера попладне го приведе М.М. (28) од селото Челопек, по пријава дека во Клиничката болница во Тетово агресивно се однесувал кон медицинскиот персонал и физички го нападнал Л.А. (31) од село Желино, лекар кој се обидувал да му укаже лекарска помош.
Според МВР, по пристигнувањето на полицијата, осомничениот продолжил со агресивното однесување и нападнал и еден од полициските службеници.
М.М. е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.