Економија
Заев: Изградбата на меѓусистемска гасна врска Петрич-Струмица е сериозен потенцијал за развој на земјата
Интерконекторот (меѓусистемска гасна врска Петрич-Струмица) е една голема визија, на поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, но и на гасификација на целиот Југоисточен Регион на нашата земја, согласно националните стратегии и еден од стратешките приоритети на нашата држава, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, во своето обраќање на тркалезна маса за формирање на регионален енергетски пазар преку подобрување на енергетската поврзаност помеѓу Северна Македонија и Бугарија, во организација на Македонско-бугарската стопанска комора и Бугарско-македонската-трговско индустриска палата.
Заев рече дека преку Национални енергетски ресурси се развива целосно националната гасоводна мрежа којашто во моментот од Скопје е пуштена до Штип и до Клечовце и истовремено продолжува до Неготино, Кавадарци, Прилеп и Битола, додека вториот дел е поврзувањето од Скопје, до Тетово, Гостивар, а од следната година ќе продолжува кон Кичево.
„Целта е овој прстен целосно да го затвориме и во југоисточниот дел на државата да се изгради еден интерконектор, кој ќе направи поврзаност на гасоводот со гасоводната мрежа која оди Софија-Грција, покрај Благоевград, Сандански и Петрич, каде што треба да донесеме гасоводен систем кон Струмица и Струмичкиот Регион, за да може да биде поврзана на националниот гасовод, но и за развој на системите за национална гасоводна мрежа“, објасни Заев.
За споредба, премиерот го посочи потенцијалот на струмичката котлина, која само за извоз произведува раноградинарски земјоделски производи во вредност од 130 милиони евра. Со евтин енергенс, кој ќе придонесе тоа да се постигне за еден или два месеца порано, тоа значи голема конкурентност на тие земјоделски производи, сериозен потенцијал за профитабилност и одржлив развој на драгоцената дејност – производство на храна.
„Од лесната до тешката индустрија, целиот регион е сериозен потрошувач и потенцијал за користење на природниот гас. Во Струмица во моментот има приклучени на природен гас повеќе од 350 домаќинства, 17 фабрики, сите детски градинки, училишта, сите индустриски зони и гасоводната мрежата од 2010 година функционира одлично и тоа преку компресиран гас. Замислете колку би бил потенцијалот ако имаме гасоводна цевка“, компарираше премиерот Заев и додаде дека ваквиот проект е од стратешко национално значење бидејќи дава можност за втор извор на енергија и можност за поврзување со ТАП (Trans Adriatic Pipeline) и се обезбедува стабилен прилив на гас за Република Северна Македонија и за сите нејзини корисници.
Во своето обраќање Заев ги наброи и Коридорот 8 – железничката пруга, во вредност од 607 милиони евра и експресниот пат Куманово-бугарска граница во вредност од 60 милиони евра, работата на граничните премини во Клепало кај Берово, и Симитли, како огромни инфраструктурни проекти коишто треба да ја направат поврзаноста помеѓу Скопје и Софија, многу побрза, поефикасна и попримамлива.
„Последните две и пол години нашата земја е пријател со сите свои соседи, но Бугарија го презеде првиот чекор, ја подаде раката тогаш кога беше најтешко и сега ние, најмалку што треба да направиме за да возвратиме, е да ја зголемиме нашата соработка од секој аспект, а секако најпосакуван за сите е економскиот. Затоа што тој е опиплив, се вреднува, значи стандард, поголем квалитет на живот на граѓаните од двете страни на границата“, рече премиерот Заев и додаде дека ваквите иницијативи се добредојдени бидејќи значат унапредување на економската соработка помеѓу двете земји, за да се постигне посакуваната 1 милијарда евра трговска соработка, којашто, како што рече премиерот Заев е возможна само преку бизнисот.
Тој на крај ја искористи можноста да ги охрабри сите претставници на бизнис-секторот да го искористат потенцијалот на одличната и огромната соработка помеѓу двете земји, кој постои и ќе трае низ годините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

