Економија
Ангеловска-Бежовска: Домашната побарувачка, личната потрошувачка и инвестициите ќе го креираат растот на домашната економија
„Домашната економија в година ќе има раст од 3,8 проценти, односно 4 отсто во 2021 и 2022 година, при што позитивен импулс врз растот и натаму се очекува од домашната побарувачка, натамошниот раст на личната потрошувачка и закрепнување на инвестициската активност, а придонесот на нето-извозот се оценува како негативен. Ваквата динамика на раст беше очекувана и во априлскиот циклус проекции, а поголеми промени не се направени ниту кај очекуваните извори на растот“.
Ова го истакна Анита Ангеловска-Бежовска, гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, која беше гостин на Меѓународниот балкански универзитет, каде што одржа предавање на тема „Кон одржлив раст – најновите макроекономски проекции за Република Северна Македонија“. Во своето предавање, освен за проекциите за идниот период, гувернерот зборуваше и за моделот на раст што го следи нашата земја, како и земјите во регионот, во периодот пред и по економската криза, како и за најголемите предизвици со кои во моментот се соочуваат земјите од регионот и Северна Македонија.
„Во периодот пред глобалната економска криза забележителен беше раст во целиот регион на Источна и Југоисточна Европа, кој се должеше најмногу на структурните економски промени, односно трансформацијата од социјалистичка кон пазарно ориентирана економија, трансформација што бараше да се вложи голем напор и голем труд. Покрај различните вредности на почетните точки на раст и различниот степен на промена на економиите на земјите, едно нешто беше заедничко, а тоа е забележително забрзан раст на економиите, особено во периодот од 2002 до 2007
година“, рече Ангеловска-Бежовска.
Таа посочи дека благодарение на добрите фискални и монетарни државни политики, кои беа поставени пред кризниот период, нашата земја релативно лесно ја преброди економската криза и не се соочи со страшни последици поради релативно малиот буџетски дефицит што го имавме. Позитивните економски движења на Република Северна Македонија во посткризниот период најмногу се должат на реформите во бизнис-секторот, кои значително ги подобрија условите за директни странски инвестиции, кои се од исклучителна важност за една економија, особено за малите економии како нашата.
Што се однесува до проекциите на Централната банка за в година, Ангеловска-Бежовска ја пренесе оценката дека е можно да има забавување на економската активност в година поради претстојните вонредни парламентарни избори, на што упатува искуството досега, но она што е карактеристично и вообичаено е дека ефектите од тоа се чувствуваат на пократок период.
Бежовска соопшти дека ризиците за макроекономското сценарио се оценети како претежно надолни, што се однесува пред сѐ на надворешните ризици, во услови на понеповолен глобален амбиент и зголемена глобална неизвесност, предизвикана од растечките трговски тензии, неизвесниот процес на брегзит, геополитичките ризици, променливоста на условите на финансиските пазари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6% од БДП
Министерството за финансии денеска ги објави податоците за состојбата на јавниот долг заклучно со 31 март 2024 година. Согласно објавените податоци јавниот долг изнесува 8.769 милиони евра што претставува 58,6% од БДП.
„Во првиот квартал се издадени државни хартии од вредност во износ од 219,2 милиони евра, повлечени се средства во износ од 175,5 милион евра по основ на склучени кредитни аранжмани со странски кредитори, како што е повлекувањето на втората транша од ММФ од кредитната линија за претпазливост и ликвидност и 57,6 милиони евра по основ заеми за јавни претпријатија и АД основани од државата и општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. При тоа извршена е и исплата на обврски по основ на главнина за надворешен долг во износ од 82,7 милиони евра“, соопшти МФ.
„Министерството за финансии ја објавува состојбата на јавниот долг на квартално ниво, а при пресметката на јавениот долг во однос на БДП се користени податоци за вредноста на БДП за период 2005 – 2024 година, за 2022 година користен е податок за вредност на БДП објавен на веб страната на Државниот завод за статистика, додека податоците за 2023 се прелиминарни податоци на Државниот завод за статистика, а 2024 година е проектирана вредност на БДП на Министерство за финансии.
Исто така, денеска согласно утврдената динамика, Министерството за финансии ги објави податоците за состојбата на државниот долг кој заклучно со 31 март 2024 година изнесува 7.544 милиони евра што претставува 50,4% од БДП. Состојбата на државниот долг се објавува на месечно ниво.
Министерството за финансии транспарентно ги објавува овие податоци на својата веб-страница. Последниот податок укажува дека јавниот долг е во дефинираните граници со новиот Закон за буџети. Со новиот Закон за буџети е воспоставено правило со кое јавниот долг не треба да надминува 60% од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми. Министерството за финансии останува на определбата за одржување на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на утврдените критериуми“, се додава во соопштението на МФ.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.