Македонија
СДСМ смета дека нема пречка за една изборна единица на изборите во април
Доцна синоќа раководството на СДСМ го усогласило ставот дека се подготвени за една изборна единица на претстојните предвремени парламентарни избори место сегашните шест.
„На овие избори нема кој да ни смета за една изборна единица, ништо не е спорно тоа да биде направено. Нашиот став е дека една изборна единица може да оди и на овие избори. Имавме состанок до два часот по полноќ, дефиниравме и наша определба е една изборна единица“, брифираат од СДСМ.
Преговорите за една изборна единица со ДУИ, кои не се согласни со овој предлог, од СДСМ велат дека ги води претседателот Зоран Заев.
„Не треба никој да помисли на амандмани и блокади за една изборна единица, тоа е демократизација на општеството“, велат од партијата.
Игор Ивановски и Гордан Георгиев ќе бидат вклучени во подготовките за следните избори, а партијата најавува дека коалицијата ќе биде проширена со неколку помали политички партнери. Освен една изборна единица, од СДСМ велат дека немаат ништо против отворени листи, а најавуваат и дека на нивните листи за изборите во април мажите и жените ќе бидат еднакво застапени, 50:50.
Партијата, велат од таму, е целосно мобилизирана на терен. Направиле 600 средби со граѓани, посетиле 70.000 семејства за да ги чујат приоритетите и проблемите и најавуваат дека до крајот на декември ќе биде готов првиот нацрт на изборната програма. В недела, на последната граѓанска трибина во Скопје, ќе промовираат шест спота.
„Финалната изборна програма очекуваме да биде готова до средината на јануари. Вкупно 6.000 партиски активисти работат на внесување на проблемите на граѓаните во системот. Бележиме 55 отсто реализација на сегашната програма и задоволни сме од реализацијата иако сметаме дека може повеќе“, велат од СДСМ.
И покрај очекувањето на СДСМ да нема амандмани и блокади, за предложените измени на Изборниот законик, Собранието добило 5.000 амандмани од ДУИ. На дневен ред на денешната седница се предлог-законот за една изборна единица и предлог-законот за локалните избори со воведувањето отворени листи за избор на советници и 50:50 родова застапеност на листите на локални и на парламентарни избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

