Култура
Светски етаблирани уметници во Музејот на современата уметност
На 21 декември, во 20 часот, во Музејот на модерната уметност – Скопје, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко“. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова. Во рамките на изложбата со свои дела, уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии ќе се претстават 12 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри во светот, како „Тејт“, „Гугенхајм“, МОМА во Њујорк…
Ќе бидат претставени дела од Хито Штејерл (Германија), Тања Бругуера (Куба), Артур Жмијевски (Полска), Џулиета Аранда (Мексико), Адријан Паци (Албаниjа), Даниел Гарсија Андухар (Шпанија), Сања Ивековиќ (Хрватска), колективот Что Делат (Русија), Антон Видокле (Русија и САД), како и македонските уметници Христина Иваноска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.
„Ние сме Mузеј на современата уметност и сакаме да ja прикажеме актуелната уметничка сцена преку автори, кои денес може да се видат во сите водечки уметнички центри во светот. Поставката има идеолошка заднина и се занимава со теми што пропагираат актуелни прашања, кои се спротивставуваат на десничарските глобални наративи во светот денес. Ретко имаме можност да донесеме автори што изложуваат во „Тејт“, „Гугенхајм“, МОМА во Њујорк… и кои се предводници на светската сцена за прашања што отвораат ангажирани тематики. Со колешката Јованка Попова на уметниците им пристапивме непосредно и на наше големо задоволство добивме позитивни реакции. Освен што прифатија да учествуваат на изложбата, некои од нив ќе бидат и наши драги гости во Скопје, а уметницата Тања Бругуера ни подари и нејзино дело за колекцијата на Музејот“, вели директорката на МСУ и кокуратор на поставката, Мира Гаќина.
Во Скопје на отворањето на изложбата ќе присуствуваат уметниците Антон Видокле, кој ќе одржи и свое предавање на релевантна тема, уметниците Дмитри Виленски и Николај Олеиников од уметничкиот колектив „Что делат“, кои својот престој во Скопје ќе го искористат за продукција на ново уметничко дело, претставено во рамките на изложбата. Уметниците Џулиета Аранда, Артур Жмијевски, Даниел Гарсиа Андухар, заедно со другите присутни уметници, ќе зборуваат за своите дела во рамките на организирана прошетка низ изложбата пред поширока публика.
Изложбата „Сè што ни е заедничко“ се однесува на состојбите на несигурност во капиталистичкиот локален и глобален контекст и има намера преку анализа на конкретни уметнички дела и практики да го истражи прекаријатскиот општествено-критички произведен дискурс и неговите манифестации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со омаж ќе биде одбележана 20 годишнината од смртта на писателот Зоран Ковачевски
НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно со општина Охрид утре – среда со омаж посветен на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски ќе ја одбележат дваесет годишнината од неговата смрт.
Зоран Ковечевски е македонски раскажувач и романсиер, припадник на генерацијата писатели кои творат во духот на критичкиот реализам.
Роден е во Светозарево – Србија, на 15 април 1943 а починал на 21 јануари 2006 во Охрид. Ковачевски ги завршил студиите по право на Белградскиот универзитет. Поголемиот дел од животот го поминал во Охрид како вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и како судија во Основниот суд. Бил член на ДПМ од 1957 година. Автор е на книгите: Охридски приказни (раскази, 1974), Семејна фреска (роман, 1976). Летачи на метли (роман, 1980), Аристотел од Ресен (раскази, 1984), Добрина (раскази, 1990), Одмазда (роман, 1992), Историја на светото дело (роман, 1993), Пејач (раскази, 2000), „Кога ни петлите не пеат“,( раскази 2002). Добитник е на наградата „Мисла“ (за роман).
За творештвото на Ковачевски во рамките на настанот ќе зборува поетот Славе Ѓорѓо Димоски а ќе бидат прочитани и извадоци од рецензии за дел од творештвото на Ковачевски напишани од познатите македонски критичари Димитар Пандев, Милан Ѓурчинов и Тодор Чаловски.
Омажот за Ковачевски ќе се одржи утре во 10 часот во НУ Библиотека во Охрид.
Култура
Македонскиот филм „17“ на Берлинскиот филмски фестивал
Новиот македонски долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е селектиран во програмата „Перспективи“ на овогодинешниот 76-ти Берлински Филмски Фестивал.
Ова беше денес соопштено во Берлин, со што филмот на режисерката Митиќ ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“, во која се селектираат и натпреваруваат најдобрите дебитантски филмови, на светско ниво.
Во Берлинале Перспективи, македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал
Култура
Изложба на фотографии и проекција на документарен филм „Старата скопска чаршија: визии за иднината”
Францускиот институт во Скопје со најава за изложба на фотографии и проекција на документарен филм кои беа реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината”, во соработка со Гете Институтот во Скопје и поддршка на Универзаланата сала.
Проектот имаше за цел да ја стимулира креативноста кај младите, да го промовира историското наследство на Скопската чаршија и да понуди креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина.
Проектот ја нагласи важноста на меѓународната соработка за зачувување и валоризација на ова заедничко наследство, нагласува организаторот.
Во рамките на проектот беа реализирани пет работилници – по видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура – во кои учествуваа повеќе од 25 студенти од различни факултети во Скопје, работејќи со реномирани меѓународни и домашни артисти, режисери и професори.
Свеченото отворање ќе се одржи во четврток, 22 јануари 2026 година, во 19:00 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан.
Настанот ќе го отворат: Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција и Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија.
По повод одбележувањето на Елисејскиот договор, Францускиот институт во Скопје во соработка со Гете Институтот ја организира оваа изложба на фотографии реализирани од студентите што учествуваа во работилницата со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве.
Фотографиите претставуваат спој на старите и нови градби, обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија, откривајќи ги нејзините мултикултурни аспекти, лица, споменици и сокаци.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град. Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија – амбиентот во кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет.
Во рамките на настанот, свечено ќе им бидат доделени благодарници на сите учесници на проектот.

