Македонија
Заев: Земјите од Јадранската повелба по 16 години, конечно, сојузници во НАТО

Премиерот Зоран Заев вчера се обрати на предновогодишниот концерт на трите воени оркестри на Северна Македонија, Хрватска и на Албанија.
Во говорот тој порача дека сцените од настапот на припадниците на трите армии заедно како едно навистина будат емоции.
„Северна Македонија, Албанија и Хрватска уште пред 16 години, со потпишувањето на Јадранската повелба, си подадоа рака и решија дека заедно ќе чекорат на патот кон алијансата. Тоа значи заедно и во добро и во лошо, и кога славиме и кога треба да си помогнеме кога е тешко“, посочи премиерот.
Тој истакна дека македонските граѓани длабоко сочувствуваат со загубата што ја предизвика катастрофалниот земјотрес во соседна Албанија.
„Нашите мисли се со вас, нашата поддршка секогаш, како и вечерва, е отворена. Сите што сме собрани тука вечерва сме сојузници и пријатели и сите сочувствуваме со несреќата на пријателскиот народ. Убеден сум дека тоа ќе го покажеме со лична донација зашто неволјите полесно се надминуваат заедно“, порача Заев.
Премиерот оцени дека годинава е историска за нашата држава бидејќи, конечно, се исполнуваат аспирациите за членство во НАТО, каде што, како што рече, трите земји ќе настапат заедно и посилни, како сојузници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата: Ќе го прифатиме секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за економија и труд, заменик-министерот за економија и труд, државниот секретар во Министерството за финансии и советникот во Кабинетот на претседателот на Владата одржа средба со претставници на синдикатите.
Се разговараше за минималната плата, колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите.
„Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог“, велат од Владата.
Македонија
Утре променливо облачно време со локален дожд попладне

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има локален дожд, а на планините повремен снег.
Ќе дува умерен, а во источните делови и вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на стабилно и топло време, освен утре и во сабота кога ќе има локални врнежи од дожд. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.