Македонија
Консултации со градоначалниците за спроведувањето на Законот за локалната самоуправа
Во организација на Министерството за локална самоуправа и ОБСЕ, денеска во Скопје се одржа последниот консултативен форум за оценка на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа.
Со цел да се подобри системот на локалната самоуправа, Министерството за локална самоуправа во соработка со ОБСЕ спроведува процес на оценка на имплементацијата на Законот за локалната самоуправа во рамките на кој се организирани и пет консултативни настани. На денешниот консултативен настан беа поканети градоначалниците коишто со своето искуство во спроведувањето на Законот го дадоа својот придонес во идентификувањето на слабостите и начините за нивно надминување.
„Оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа се спроведува во исто време со активностите на Владата за продлабочување на процесот на децентрализација. Овие два процеси се одвиваат независно еден од друг, но крајната цел е да се обезбедат услови за оддржливи, ефективни и ефикасни општини, во служба на граѓаните. Во еден инклузивен процес, со вклученост на сите засегнати страни, оваа финална консулатација треба да ги даде заклучните согледувања и наоди со препораки дури и во форма на конкретни предлози за изменување и дополнување на законот. Ова е можност сите вклучени страни во процесот на консултација, а пред сè градоначалниците да го дадат својот придонес за подобрување на системот на локалната самоуправа“, рече заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески.
„Законот во неговото спроведување покажа многу позитивни трендови, но и предизвици во однос на учеството на граѓаните, транспарентноста и отчетноста, во вршењето на надзорот и во обезбедувањето на финансиите. Децентрализацијата треба одново да се осмисли и затоа ОБСЕ ја поддржа оваа активност на Министерството за локална самоуправа за оценка на спроведувањето на Законот, заради подобрување на локалната самоуправа во интерес на сите граѓани, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје“, амбасадорот Клеменс Која.
Со цел да се обезбеди сеопфатност во спроведувањето на оценката беше организиран широк инклузивен процес на вклучување на сите засегнати страни, вклучително и граѓаните. Врз основа на прашалници, сите општини и градот Скопје доставија информации за спроведувањето на одредбите од Законот, групирани во 4 столба – транспарентност, партиципација и отчетност, надлежности, механизми за соработка и надзор над работата на органите на општината, како и организација и работа на органите на општината. Паралелно, беа направени и интервјуа со претставници на општини и со релевантни институции на централно ниво, како и истражување на перцепцијата на граѓаните за функционирањето на општините. Во рамките на активностите за оценување на Законот за локална самоуправа беа организирани и четири регионални консултативни форуми на кои што учествуваа претставници на локалната администрација, секретарите и членови на советите од сите општини. Финалниот извештај од спроведената оценка за имплементацијата на Законот за локалната самоуправа ќе биде доставен до Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

