Регион
Хрватска воведува национална пензија од 100 евра месечно за лица над 65 години без приходи

Во Хрватска лица над 65-годишна возраст, кои немаат никаков приход, а можеби ни имот, треба да добиваат 800 куни (околу 107 евра) национална пензија месечно од 2021 година. Хрватското Министерство за труд и пензискиот систем забрзано работат на донесување нов закон за националните пензии за што во текот на оваа недела треба да се изјасни работна група составена од експерти, социјални партнери и здруженија на пензионери.
За време на последната парламентарна изборна кампања ХДЗ вети воведување национална пензија, а според државниот секретар Мајда Буриќ, предлог-законот треба да биде во владина процедура уште во јануари или февруари.
За да добие право на државна пензија на Хрватска, лицето на возраст од 65 години мора да живее во земјата од 45-годишна возраст. Националната пензија би изнесувала 800 куни месечно и во зависност од критериумите, на неа може да сметаат помеѓу 8.000 и 22.000 граѓани од Хрватска што немаат друг приход.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Планинар паднал во бездна во Словенија и починал

Во неделата при искачување на планина 43-годишен хрватски планинар се лизнал и паднал во бездна. Поради тешките повреди, тој починал на местото на несреќата.
Полициската управа во Крањ соопшти дека во неделата околу 12 часот добиле пријава за несреќата.
Неколку планинари се искачиле на снежната планинска патека. Пешачејќи, 43-годишниот хрватски планинар се лизнал на висина од речиси 1.900 метри, а потоа паднал во бездната. И покрај соодветната опрема, тој добил тешки телесни повреди и починал на самото место.
Спасувачите од Регионалната управа за катастрофи и вонредни ситуации (ГРД) Крањ и дежурната екипа на Здружението за спасување на планина на Словенија (ГРЗС) пристигнаа на местото на несреќата со полициски хеликоптер, кој потоа го пренесе телото на планинарот во долината.
Полицискиот службеник од полициската единица „Планина“ изврши увид и продолжува со собирање информации за сите околности на несреќата. Сите досегашни сознанија укажуваат на трагична планинска несреќа. Полицијата за сите информации ќе го извести надлежното државно правобранителство, соопштија од Полициската управа во Крањ.
Регион
Татко во Србија возел со голема брзина и излетал од патот, загина бебе

Тримесечно бебе загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи во саботата на патот Зрењанин – Лазарево во Србија.
Несреќата се случила околу 14.15 часот кога автомобил со шест лица, меѓу кои и две бебиња, излетал од патот во нива.
Според информациите од истрагата, до несреќата најверојатно дошло кога возачот на автомобилот, таткото на загинатото бебе, кој има само пробна возачка дозвола, се обидел да го заобиколи возилото пред себе по што изгубил контрола над автомобилот и излетал од патот во блиската нива.
Неофицијални извори тврдат дека возачот во моментот на несреќата возел со брзина од околу 140 km/h, што е значително над дозволената брзина на тој дел од патот.
„При превртувањето, кое се случи повеќепати, од возилото испаднаа жени, кои седеа на задното седиште со бебиња во рацете“, изјави извор близок до истрагата, пренесува „Блиц“.
На фотографиите од местото на несреќата објавени од страна на „Инстаграм 192_rs“ се гледа целосно уништено возило.
Според последните информации, полицијата го привела возачот Ј. К., татко на починатото бебе, кој е осомничен дека ја предизвикал сообраќајната несреќа.
Регион
(Видео) Илјадници учесници на масовниот протест во Ниш

Илјадници учесници на масовниот протест „Студентски едикт“ синоќа во 23 часот и 52 минути молчеа на централниот плоштад во Ниш, оддавајќи им почит со 15-минутно молчење на 15-те лица кои загинаа при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.
Студентите и граѓаните стоеја во тишина, со вклучени батериски ламби на мобилните телефони, до седум минути по полноќ, на петтиот масовен митинг што се одржа во Србија во бранот повеќемесечни протести предизвикани од трагедијата во Нови Сад.
Со ова и формално заврши протестот кој започна во саботата во 9 часот, предводен од студенти од сите четири универзитетски центри во Србија. Студентите најавија дека до три часот наутро ќе го чистат плоштадот и околните улици каде се одржува митингот, а на ова им се придружија и жителите на Ниш.
Жителите на Ниш во петокот вечерта со овации ги пречекаа илјадниците студенти од десетици српски градови, кои пристигнаа на собирот по неколкудневно пешачење, возење велосипед и штафетен маратон. Десетици илјади луѓе се собраа на 18-часовниот митинг, а главната протестна програма во саботата вечерта го вклучи и прогласувањето на „Студентски едикт“.
Протестот беше организиран на денот кога се одбележаа четири месеци од уривањето на настрешница на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад, кога на 1 ноември загинаа 15 лица, главно млади луѓе, а уште двајца беа повредени со трајни последици.
Оттогаш, студентите и граѓаните бараат одговорност и правда за жртвите на плоштадите и улиците низ Србија, додека владата на протестите гледа како на „обоена револуција“. Студентите го најавија следниот голем протест за 15 март во Белград и ги поканија сите нивни колеги и граѓани на Србија да им се придружат.
Protest "Studentski edikt" snimljen dronom. pic.twitter.com/l1c1Djpmhp
— TV N1 Beograd (@n1srbija) March 1, 2025