Македонија
Дескоска: Прочистувањето на корупцијата е најзначајниот процес во државата

Корупцијата претставува закана за демократијата и владеењето на правото. Општествата со силни, независни и непристрасни механизми за борба против корупцијата се општества со значително подобар квалитет на живеење. Прочистувањето на корупцијата во општеството е мошне предизвикувачки процес, но тоа е најзначајниот процес во една држава, кој води кон подобро образование, здравство, административни услуги, подобар и еднаков пристап до правда за нашите граѓани, истакна министерката за правда, Рената Дескоска, на осмата сесија на конференцијата на државите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (UNCAC), која се одржува на секои две години.
Во своето обраќање министерката Дескоска ги наведе постигнувањата на Министерството за правда во насока на зајакнување на антикорупциската рамка и имплементација на препораките на Конвенцијата на ООН против корупцијата (UNCAC), а како најзначајно постигнување го наведе донесувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
„Како резултат на дискусиите и експертските препораки добиени во рамките на спроведувањето на вториот циклус на преглед на имплементацијата на Конвенцијата, воведена е целосно транспарентна постапка за избор и именување на претседателот и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, во која учествуваат и граѓанскиот сектор, новинарите и медиумите, а утврдени се зајакнати услови, кои треба да ги исполнуваат кандидатите за претседател и член на оваа Државна комисија“, потенцира Дескоска.
Со новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер од мај 2019 година, рече таа, се зголемува пристапот до информации, а рокот за добивање одговор е значително скратен.
Како придобивка министерката Дескоска ја наведе и зголемената транспарентност во трошењето на јавните средства, особено преку објава на интернет-порталот „Отворени финансии“, со кој јавноста има увид во податоците за реализација на буџетските трансакции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Партијата Левица: На Локалните избори во конечна пресметка со десничарскиот режим

Партијата Левица ја одржа 28-та редовна сесија на Централниот комитет на која беа донесени стратешки одлуки во пресрет на претстојните Локални избори 2025. Сесијата започна со едноминутен молк за жртвите во трагедијата во Кочани.
„Во духот на демократскиот централизам и борбеноста, оваа сесија ја зацврсти позицијата на Левица како единствена автентична и непоколеблива опозициска сила во државата“, велат од партијата.
„На сесијата на ЦК едногласно беше верификуван актуелниот пратеник м-р Сашко Јанчев како нов член на Президиумот на Левица. Во своето обраќање, Јанчев истакна дека народот е алергичен на корумпираните политички елити кои со децении ја злоупотребуваат државата за лични криминални интереси. Властите пробаа сѐ за да ја подјармат Левица – со притисоци, спинови и пари, но не успеаја! Токму тоа, нивниот неуспех да ја направат Левица како нив, е она што најмногу ги плаши.
Централниот комитет усвои политичка рамка за дејствување во наредниот период, со фокус на есенските Локални избори, како фронт за жестока пресметка со режимскиот апарат. Во услови на постојана репресија, изборен инженеринг и клиентелистички октопод кој го гуши секој обид за народна еманципација – Левица ќе настапи бескомпромисно, чесно и организирано, како глас на обесправените и бастион на некорумпираноста.
Времето на калкуланти, опуртинисти, предавници и квазиопозиционери заврши. Борбата продолжува – на улиците, во институциите и на изборните полиња. Со народот, за народот!“, соопшти партијата Левица.
Македонија
Укината забраната за тешки товарни возила на патниот правец Маврово – Дебар

Забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар се укинува во 06.10 часот, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурни екипи на Македонијапат.
Македонија
Променливо облачно и студено со повремено засилен ветер, претпладне услови за слаб снег

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, претпладне наместа ќе има услови за провејување на слаб снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 70 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно и ветровито со температури под просекот за овој период од годината. Утринските температури на повеќе места ќе бидат негативни, а дневните во постепен пораст.