Македонија
Ременски вели дека нема нејзин потпис на документите од доказниот материјал
Пратеничката Фросина Ременски по повеќе од три и пол часа, заврши со увид во доказниот материјал. Таа не сакаше да ја коментира обемноста на материјалот, ниту што има во доказите.
„Јас на прашања ќе одговарам кога ќе дадам изјава пред јавен обвинител. Видов сè, освен докази. На ниту еден документ, дел од доказите, немам ставено потпис“, рече таа.
Ременски не сакаше да одговори дали се среќавала со бизнисмените оштетени во случајот со невладината Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски.
Таа не сакаше да коментира ниту за 750 илјади евра, кои наводно биле префрлени на сметка кај пензионерка од Скопје.
Во однос на документите од УБК, кои беа пронајдени во нејзниот дом, Ременски рече дека тие не се класифициран материјал.
Исказ пред обвинителката Русковска пратеничката треба да даде утре.
Ременски во петокот рече дека медиумите прават фама од случајот со Меѓународниот сојуз и ги советува да се интересираат и за други предмети. Таа не сакаше да каже дали е злоупотребена од страна на Бојан Јовановски коментирајќи дека на тоа ќе одговори кога ќе треба.
Ременски е осомничена дека помагала во извршувањето на кривичните дела измама и перење пари за кои се осомничени пет физички лица, заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска, како и самиот Бојан Јовановски.
На Ременски ѝ е одземен пасошот, а има и забрана да го напушти Скопје како мерка на претпазливост. Обвинителството одзеде два телефона, но и компјутери и други предмети при претрес во нејзиниот дом.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

