Топ
Битолчанец исценирал дека е киднапиран за да изнуди пари од своите родители

Во координирана акција на битолската и скопската полиција, по наредба на битолското Основно јавно обвинителство, во вечерните часови на 15 декември, на скопската улица Шуто Оризари, бил уапсен 29-годишен битолчанец под сомнение дека е вмешан во фингирано извршување кривични дела грабнување и изнуда.
Како што информираат од МВР, на 14 декември таткото на 29-годишникот во битолската полиција пријавил дека неговиот син бил киднапиран и дека грабнувачите бараат пари за негово ослободување.
Полицијата веднаш презела мерки и го расчистила случајот, при што утврдила дека станува збор за исцениран настан, во кој, покрај 29-годишниот битолчанец, биле вмешани уште неколку лица, со кои тој претходно се договорил да изнудат пари од неговите родители.
Битолчанецот и од претходно ѝ е познат на полицијата бидејќи бил пријавуван за кривични дела, издржувал затворска казна, а имал и долгови кон повеќе лица.
Тој бил приведен додека влегувал во автомобилот „алфа ромео“, сопственост на татко му, за кое тврдел дека со него е грабнат, а кај него биле и дел од означените пари што биле предвидени за негов наводен откуп.
По документирање на случајот, полицијата ќе поднесе соодветна пријава до битолското Основно јавно обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Незгода на патниот правец Македонска Каменица – Делчево, сообраќајот во целосен прекин

Денеска, околу 11:25 часот, на патниот правец Македонска Каменица – Делчево се случи сообраќајна незгода, извести АМСМ.
Поради незгодата, сообраќајот е во целосен прекин.
Македонија
ФЗО: Вo изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни операции

Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, а по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства, велат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) по тврдењата изнесени во јавноста дека во приватните болници се прават непотребни операции за профит.
„Фондот ја истакнува важноста на придржувањето кон професионалните стандарди, медицинската етика и принципите на медицина заснована на докази, кои претставуваат темел на здравствениот систем. Во рамките на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и со приватните здравствени установи со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод“, велат од Фондот.
Од таму наведуваат дека, сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи.
Појаснуваат дека овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство.
„Фондот во рамките на своите овластувања ќе продолжи да работи на спречување евентуални неправилности во користењето на финансиските средства. ФЗО апелира до сите фактори во здравствениот систем, како и до јавноста, за одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти, со цел зачувување на довербата во здравствениот систем и избегнување генерализации, што може да предизвикаат сензационализам“, велат од ФЗО.
Топ
Обвинение против осум лица, од нив шест полицајци

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против шест полициски службеници и две други лица.
Од обезбедените докази произлезе дека првообвинетиот заедно со уште две лица, за кои истражната постапка е во прекин, сториле кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“. Лицата со искористување на своето претпоставено влијание, врз двајца обвинети полициски службеници, влијаеле истите да не извршат службени дејствија што би морало да ги извршат, со цел да му овозможат на турски државјанин, кој незаконски престојувал во РСМ, да се стекне со дозвола за привремен престој. Лицата за посредувањето примиле награда во износ од 900 евра, а обвинетите полициски службеници го прифатиле влијанието и ја злоупотребиле својата службена положба и овластување.
Со поднесеното обвинение полициски службеник, вработен на ГП Долно Блаце, е обвинет и за „Примање поткуп”. Тој од турски државјанин кој подолго време незаконски престојувал во државата индиректно побарал и примил подарок – парични средства во износ од 3000 денари за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши. Тројца полициски службеници и НН лице посредувале во давањето на поткупот, при што двајца полициски службеници со патната исправа на турскиот државјанин оствариле фиктивен влез во РСМ, како услов за отпочнување на постапка за одобрување на привремен престој. На сличен начин му било овозможено на уште еден турски државјанин со незаконски престој да ја напушти територијата на РСМ без да биде евидентиран во системот за контрола на патници и возила и без да му биде наплатена прекршочна санкција. Имајќи предвид дека согласно одредбите од Законот за странци незаконскиот престој е прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност, обвинетите со своите дејствија го оштетиле и Буџетот на РСМ.
Во текот на истражната постапка се обезбедени и докази според кои обвинетиот – виш инспектор за странци и реадмисија од јули минатата година до април годинава со умисла искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и за седуммина прибавил корист – право на привремен престој во РСМ. Постапувајќи по претходно поднесени барања за одобрување на привремен престој на седумте државјани од Бангладеш и Непал, обвинетиот не ги зел предвид негативните известувања од АНБ за постоење на безбедносен ризик и постапил спротивно на одредбите од Законот за странци носејќи решенија со кои на сите им одобрил привремен престој заради работа.
Истражната постапка беше започната во мај годинава кога 11 лица беа лишени од слобода, а две лица беа недостапни на органите на прогонот. Во меѓувреме против едно лице е донесена Наредба за запирање на истражната постапка, а за две лица е донесено Решение за отфрлање на кривичната пријава. Едно од лицата недостапни на органите на прогонот е обезбедено и се наоѓа во екстрадиционен притвор во Р.Србија, а по другиот е активна меѓународна потерница.