Македонија
Градинката „Пчелка 2“ во Лисиче од затоплување на нафта премина на инвертер-клими
Објектот „Пчелка 2“ во рамките на детската градинка „Бубамара“ од затоплување со нафта преминува на инвертер-клими. Градинката што се наоѓа во населба Лисиче денеска ја посетија градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
Инвертер-климите се донација од Министерството за животна средина и просторно планирање, а со новиот начин на загревање, се очекува покрај намалување на трошоците да се придонесе и за заштита на животната средина.
„Со ова Општина Аеродром ќе штеди пари. Досега во текот на зимскиот период се трошат околу 14 тони нафта, тоа е некаде околу 12,5 илјади – 13 илјади евра. Сега со помош на имплементацијата на планот за чист воздух сметките ќе бидат четири пати поевтини“, изјави заменик-министерот Макрадули.
Повеќето објекти на основните училишта и детските градинки на територијата на општина Аеродром се затоплуваат преку централното градско греење. Минатата година подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче од загревање со нафта, премина на загревање со пелети.
„Општина Аеродром континуирано работи на обезбедување нови еколошки начини на загревање во детските градинки и училиштата“, изјави градоначалникот Марин.
Остануваат уште два објекта кои во текот на следната година од нафта ќе преминат на нов начин на затоплување, со што во општина Аеродром нема да постои јавна установа што се загрева на нееколошки начин.
Градоначалникот Марин посочи дека Општина Аеродром има издвоено околу 25 милиони денари од буџетот за заштита на животната средина. Општината изминатиот период додели субвенции за набавка на велосипеди, печки на пелети, инвертер-клими и чистење оџаци, со што значително се придонесува во зачувувањето на животната средина.
Периодов се спроведува голема акција за засадување на 5.500 зимзелени и листопадни дрвја. Во сите објекти на детските градинки се поставени прочистувачи на воздух.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

