Економија
Царовска: Целта на социјалната реформа е трајно извлекување од сиромаштија преку вработување
Социјалната реформа не е само трансфер на пари кон најранливите, туку и блиска работа на социјалните тимови со корисниците и нивна постојана поддршка тие да се вклучат на пазарот на труд, а децата во образовниот процес, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која заедно со министерката за финасии – Нина Ангеловска, раководителот на секцијата за соработка во Делегацијата на ЕУ- Никола Бертолини и директорките на ЦСР Скопје и АВРСМ – Наташа Станојевиќ и Билјана Јовановска се сретнаа со корисници на Гарантиран минимален приход, коишто се активни баратели на работа и им ги презентираа можностите за активација преку најновиот четврти грант кофинансиран од Европската Унија.
„Нашата цел како Влада е да вработиме што поголем број од работоспособните лица коишто се во системот на социјална заштита бидејќи само преку вработување се излегува од сиромаштија. Реформата ги даде првите резултати во делот на вработувањето и од почетокот на јуни до сега без користење грантови, само со поврзување на Центрите за вработување и центрите за социјални работи се вработени 370 лица. Ова укажува дека навистина е возможен моделот на вклучување на лица корисници на системот на социјална заштита на пазарот на труд“, рече Царовска.
Гранот е со имплементација од 36 месеци од кои 3 месеци подготвителна фаза. Со активностите на грантот е предвидено да бидат опфатени 1.200 корисници на ГМП, оние кои во едно семејство ќе бидат проценети и идентификувани како најработноспособни и упатени од ЦСР до АВРМ согласно новиот Закон за социјална заштита.
„Преку активните мерки за вработување, невработените граѓани се стекнуваат со квалификации – адекватни на побарувачката на пазарот на труд во земјава. На тој начин се усогласуваат понудата и побарувачката на пазарот на труд, што резултира со намалување на невработеноста и раст на вработеноста, што е и главна цел на овие политики. За догодина во буџетот имаме предвидено рекорден износ на средства за активни мерки за вработување, односно 1,311 милијарди денари. За споредба, тоа е за третина повеќе во однос на 2017 година, двојно повеќе во однос на 2016 година или за четирипати повеќе во однос на 2014 година“, рече министерката Ангеловска.
Грантот вклучува поддршка за вработување и поуспешна интеграција на пазарот на труд преку стручни обуки за подобрување на вештините и квалификациите, креирање нови работни места и поттик за вработување.
Директорката на АВРСМ, Јовановска, изјави дека Агенцијата за вработување е подготвена да го реализира во целост овој проект на Европската делегација.
„Максимално со центрите за вработување ќе се посветиме на враќање на довербата на граѓаните коишто бараат работа и ќе им помогнеме во активацијата на пазарот на труд. Освен менторство, обука и активација, ќе ги вклучиме и во активните мерки за вработување како што се субвенционирање на плати, обука кај познат работодавач и обука за занаетчиство и занимања за пазарот на труд.
Директорката на ЦСР Скопје, Наташа Станојевиќ, рече дека секое семејство со социјалната реформа добива социјален работник којшто ќе биде запознаен со нивните проблеми.
„Предметите веќе се комплетираат и стартуваме со активна работа на терен и ќе се оди кон тоа да се вработат најлесно вработливите членови на семејствата во социјален ризик“, рече Станојевиќ.
Раководителот на Секцијата за соработка во Делегацијата на ЕУ го поздрави стартот на користењето на грантот.
„Денеска разговараме за едно од најважните начела на ЕУ, а тоа е вклучувањето, односно инклузијата. Соработуваме со сите и сакаме сите да добијат можност да работат“, рече Бертолини.
Вкупниот буџет на грантот изнесува 4,1 милион евра од кои 3 милиони евра се контрибуција од ИПА/ЕУ (или 71%), а 1,1 милион евра (29%) се национално кофинансирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

