Македонија
Во Прилеп последни подготовки за градската слава Свети Никола

Прилеп годинава по 14. пат ќе ја чествува градската слава Свети Никола.
Во просториите на студентскиот дом „Орде Чопела“ во Прилеп педесетина жени од 4 граѓански здруженија започнаа да ги виткаат традиционалните посни светиниколски сарми.
Градоначалникот Илија Јованоски ги посети вредните прилепчанки кои го подготвуваат празничниот ручек.
„Два дена пред големиот христијански празник Свети Никoла, кој воедно е и патрон на нашиот град, можам да речам дека подготовките се во завршна фаза. Свети Никола е заштитник на морепловците, рибарите, на немоќните и сиромашните граѓани и се слави во многу земји во светот, а особено ми е драго што го празнуваат и половина од жителите на нашиот град“, порача прилепскиот градоначалник.
Тој воедно ги покани жителите на градот в четврток (19 декември), по завршување на светата литургија, да се придружат на богатата посна трпеза во центарот на Прилеп.
„Вредните раце на жените од четирите невладини организации професионално си ја одработија својата задача и подготвија посна трпеза за граѓаните, кои очекуваме дека ќе ги има во голем број“, истакна Јованоски.
Љубица Петреска, претседателка на здружението „Мајка Традиција“, вели дека без никаков проблем 55 жени ги виткаат традиционалните сарми.
„Сармите се виткаат од сè срце, со љубов, со песна. Ова е нешто навистина прекрасно, возбудливо. На посната трпеза која ќе се одржи во центарот на градот, сармата ќе блеска на поставената софра. Но софрата секогаш е надополнета и со вкусно гравче, маслинки, со ракија и вино“, објасни Петреска.
Годинешен домаќин на градската слава е семејството Небрежанец. Причината заради која се одлучиле да бидат домаќини е негувањето на верата и традицијата кои сакаат да го пренесат во наследство на трите ќерки.
Како и секоја година, така и оваа одбележувањето на Свети Никола ќе почне со свечена божествена литургија во црквата „Св. Благовештение“, со која ќе чиноначалствува митрополит преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски, г. Петар, а свое присуство има најавено и г.г. Стефан.
Веднаш потоа чествувањето продолжува со водосвет и сечење на славскиот колач пред параклисот во центарот на градот, од каде сите добронамерници продолжуваат на богатата посна трпеза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со претставници на „Habitat for Humanity International“ и на „Хабитат Македонија“

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска разговараше со претставници од САД на глобалната мрежа „Habitat for Humanity International“, како и со националниот директор на „Хабитат Македонија“, Зоран Костов и со претседателот на Управниот одбор, Драган Малиновски.
Таа, најпрво им ја честиташе дваесетгодишнината од основањето, посакувајќи им понатамошен успех во реализацијата на благородната идеја за градење свет во којшто секој ќе може да го оствари правото на пристојно живеење.
За неа, импресивна и инспиративна е нивната несебична заложба и неуморна работа насочена кон подигање на квалитетот на домувањето на сиромашните луѓе, неможна без волонтирање, застапување и подигање на јавната свест за поголема солидарност во развојот на заедницата.
„Ние, како и многу други држави мора да вложиме особен напор во унапредувањето на квалитетот на живеењето, секаде и за сите, ставајќи крај на супстандардните услови во некои средини, недостојни за живот“, смета претседателката.
„Претставниците на „Habitat for Humanity International“, со љубов и страст зборуваа за своите ангажмани во справувањето со енергетската сиромаштија и гарантирањето стандарди во нејзиното користење ширум светот, потенцирајќи дека се трогнати од добрината, благодарноста и активноста на македонските граѓани. Тие ја истакнаа незаменливата улога на невладините организации, како кредибилни партнери на овој план и укажаа на неопходноста од постојана и интензивна владино-невладина соработка во функција на остварување подобри резултати“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Македонските претставници ја презентираа својата досегашна работа, насочена кон овозможување инклузивен и одржлив развој на сиромашните средини, како ромските, но и други, со финансиска помош на ЕУ.
Тие ги посочија активните проекти во повеќе од 30 општини, како и пионерските партнерства со институциите за микрофинанисирање.
Соговорниците се согласија за нужноста од стратешки пристап кон домувањето за да се намали, па и спречи егзодусот на најквалификуваниот кадар, како неспорен и докажан промотор на иновации и главен носител на развојот во сите средини.