Македонија
Поради магла намалена видливост на патиштата од 50 до 100 метри

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри има во Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Охрид, Ресен, Македонски Брод, Страцин и кај Павлешници видливоста е до 30 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Струшкиот градоначалник Мерко го прослави роденденот: „Покажа стабилно лидерство“, го пофалија вработените

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко денеска организираше прослава за 68-от роденден, a вработените во администрацијата на Општина Струга му упатија и честитки и благодарност.
Во објавата на социјалните мрежи вработените во општината пишуваат дека Мерко покажал стабилно лидерство, бескомпромисна посветеност и висока сензитивност кон потребите на граѓаните и вработените во администрацијата.
„Хармонијата и меѓусебното разбирање, како и односот изграден врз основа на заемна почит и отворена комуникација, се доказ за вредностите кои тој ги пренесува во секој чекор од институционалното работење.
Високо ја цениме плодната соработка и позитивната атмосфера која секојдневно ја негува во институцијата што ја води, мотивирајќи нè за чесна, посветена работа со јасна визија.
На овој значаен ден, кој се совпаѓа и со уште еден јубилеен датум, му посакуваме на градоначалникот Мерко добро здравје, семејна среќа и континуирани успеси во неговата натамошна мисија за развој на Општина Струга“, му пишуваат на Мерко вработените во општината.
Македонија
Нов повик за субвенциониран студентски оброк, проширен е опсегот на мерката

Министерството за образование и наука известува дека направени се измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, согласно кои се проширува опсегот на мерката. Отсега работниот статус не е ограничувачки услов за студентите, така што правото ќе можат да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во државата.
Согласно законските измени, на следниот линк е објавен нов повик за остварување на правото, на кој можат да се пријават сите студенти кои припаѓаат на некоја од категориите согласно проширениот опсег на мерката. Рокот за аплицирање на овој вонреден повик трае од 14 до 16 април. Студентите пак, кои досега го остварувале ова право, немаат обврска да се пријават на повикот, односно продолжуваат со користење на мерката.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна. Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота во текот на академската година, со исклучок на периодот од 1 јули до 1 октомври, како и за време на државни празници и неработни денови.
Од следниот месец – мај 2025 година, продолжува обврската на МОН за објавување на повици на месечно ниво, од први до петти во месецот, на кои ќе можат да се пријавуваат сите студенти кои претходно не ги исполнувале условите или поради било какви причини не аплицирале и не го оствариле ова право.
Проширувањето на опсегот на мерката е барање на Националното студентско тело.
Македонија
Венко Крстевски избран за в.д. градоначалник на Кочани

Советникот Венко Крстевски денеска е избран за в.д градоначалник на општина Кочани.
На 62. седница на Советот на Општина Кочани кандидатура за в.д. градоначалник поднесоа советникот Венко Крстевски, избран од група избирачи, а од ВМРО-ДПМНЕ беше предложен координаторот на советничката група, Гоце Марков.
На седницата оставка поднесе советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Атанасова-Арсова.
„Ќе побарам прошка и извинување од сите граѓани што дадоа глас за мене како дел од советничката листа затоа што не успеав да реализирам многу работи бидејќи тие работи не беа приоритет за градоначалникот и за раководството. Водени од своите суети, понесени од моќта на функциите, тие се грижеа само за своите интереси“, рече советничката.
Додаде дека во иднина ќе му се посвети на своето дете, кое е повредено во пожарот во дискотеката „Пулс“, и на сите деца што се повредени.
„Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете“, рече низ солзи Атанасова-Арсова.