Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага итни мерки поради загадувањето на воздухот
Владата не се гледа ни физички, а ни по дела, смогот го голта Скопје, а власта не прави ништо. Нивото на канцерогените ПМ 10-честички во раните утрински часови во Скопје, Битола, Тетово, Струмица, Кавадарци и во Куманово е и до 15 пати над дозволеното, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Болниците се полнат, сообраќајни незгоди се случуваат поради намалената видливост, а Заев и Шилегов со прст не мрдаат. Загаденоста е директна последица на Зоран Заев, кој ѝ овозможи на бизнис-олигархијата блиска до врвот на СДСМ да гори кокс со 18 отсто сулфур и обоен текстил, кои никаде во Европа не се горат и се носат тука во Македонија. Граѓаните се трујат. Труе власта. Состојбата е алармантна и потребни се итни мерки.
Со цел превентивна заштита на граѓаните, потребна е итна имплементација на следните три мерки:
1. Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП додека загадувањето не се намали и состојбата со загадениот воздух во Скопје не се нормализира;
2. Инспекциски надзор и затворање на погоните што загадуваат;
3. Ослободување од работа луѓе над 60-годишна возраст, хронично болни и трудници.
Овие мерки Зоран Заев и Петре Шилегов треба да ги прифатат и да стапат во сила уште веднаш. Нивната неспособност и игнорантскиот однос нè донесе до овде. Потребно е итно дејствување“, предупреди Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

