Топ
Обвинение за пијаниот возач од Кавадарци кој удри во деца и избега

Велешкото обвинителство поднесе обвинение против возачот од Кавадарци кој во алкохолизирана состојба удри во мотоцикл на кој се превезувале две деца и избега од местото, оставајќи ги малолетниците тешко повредени. Несреќата се случи на 31 мај, а кај возачот биле утврдени 3,27 промили на алкохол во крвта и 2,7 промили алкохол во урината.
Против него е поднесено обвинение за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
„На 31 мај обвинетиот, во состојба на тешко пијанство со присуство на 3,27 промили алкохол во крвта и 2,7 промили алкохол во урината, управувал со автомобил во сопственост на неговата сопруга. Притоа, движејќи се по улицата Гоце Делчев во Кавадарци, каде брзината на движење на возилата е ограничена на 40 километри на час, обвинетиот го управувал автомобилот со брзина од 84 километри на час, односно со брзина која е за 44 километри на час поголема од дозволената. Доаѓајќи до крстосницата меѓу улиците Гоце Делчев и Осми септември, навлегол во вкрстувањето при вклучено црвено светло на семафорот“, наведуваат од обвинителството.
Во тој момент, пак, од улица Осми септември на крстосницата, во состојба на кочење, навлегувал мопед марка „априлија“ со кој се превезувале две деца. Мопедот со предното тркало удрил во десната предна врата на автомобилот, а од ударот мопедот заедно со децата паднал на коловозот, лизгајќи се.
При тоа двете деца се здобиле со тешки телесни повреди. Иако со автомобилот што го управувал ги повредил децата, обвинетиот продолжил да се движи напред, оставајќи ги без помош на коловозот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Американски разузнавачки служби го открија извештајот: Нападите не ја уништија нуклеарната програма на Иран

Нападите на американската војска врз три ирански нуклеарни објекти минатиот викенд не ги уништија клучните компоненти на нуклеарната програма на земјата и веројатно ја забавија за само неколку месеци, според рана проценка на американската разузнавачка служба опишана за CNN од четири лица запознаени со документот.
Проценката е направена од Агенцијата за одбранбено разузнавање (ДИА ) и се базира на анализа на штетите спроведена од Централната команда на САД (CENTCOM) по нападите, рече еден од изворите.
Анализата е во тек и може да се промени како што ќе пристигнуваат повеќе информации, но првичните наоди се спротивставуваат на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано повторуваше дека нападите „целосно ги уништиле“ иранските објекти за збогатување ураниум. Министерот за одбрана Пит Хегсет, исто така, изјави во неделата дека „нуклеарните амбиции на Иран се уништени“.
Сепак, два извори запознаени со извештајот велат дека залихите од збогатен ураниум не се уништени, а еден од нив рече дека повеќето од центрифугите останале „недопрени“.
„ДИА проценува дека САД успеале да ја забават програмата на Иран за можеби неколку месеци, во најдобар случај“, рече изворот.
Белата куќа потврди дека извештајот постои, но вели дека е погрешен.
„Оваа наводна проценка е целосно неточна и е класифицирана како „строго доверливо“, но на CNN ѝ била дадена од анонимно лице од низок ранг во разузнавачката заедница“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливи.
„Објавувањето на оваа наводна проценка е јасен обид да се дискредитира претседателот Трамп и да се дискредитираат храбрите борбени пилоти кои совршено ја извршија мисијата за уништување на нуклеарната програма на Иран. Секој знае што се случува кога ќе фрлите четиринаесет бомби од 13.600 килограми точно на целта: целосно уништување“.
Американската војска соопшти дека операцијата поминала според планот и била целосен успех.
Сепак, според изворите, сè уште е рано САД да имаат целосна слика за последиците од нападот, а проценките на другите разузнавачки агенции не се познати. Собирањето податоци, вклучително и од самиот Иран, продолжува.
Македонија
Евакуирани македонски државјани од Израел, мајка и три деца слетаа во Атина

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека вчера беше реализирана евакуација на четири македонски државјани, односно едно семејство (мајка и три деца), со лет од Тел Авив до Атина.
Заклучно со денес, вкупниот број на евакуирани македонски државјани изнесува 12 лица – осум преку Египет со владин авион и четири преку Атина. Најголемиот дел од евакуираните се деца – седум од вкупно 12 лица.
Согласно информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, и имајќи го предвид прекинот на огнот во сила од 24 јуни и стабилизирањето на безбедносната состојба, државјаните кои првично беа подготвени за итна евакуација во моментов го одложуваат своето заминување. Рестрикциите поврзани со конфликтот со Иран се укинати, а училиштата, институциите и продавниците повторно функционираат.
Министерството, преку Амбасадата во Тел Авив, останува во редовна комуникација со сите граѓани кои изразиле интерес да го напуштат Израел, доколку повторно се јави потреба, и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста.
И понатаму останува во сила препораката да се избегнуваат патувања во земјите од Блискиот Исток.
Македонија
Филипче до Мицкоски: Најлошото допрва доаѓа

Во рамки на теренските активности, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, беше во Кавадарци каде што оствари средби со граѓани и со членови на СДСМ. Од таму Филипче зборуваше за првата година на ВМРО-ДПМНЕ, предупредувајќи дека државата тоне, додека владините функционери се кријат зад празни зборови и лажни успеси.
„Откако сфатија дека незадоволството расте и граѓаните се чувствуваат измамени, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека најдоброто допрва ќе дојдело. По четири години локална власт и една централна, ВМРО-ДПМНЕ порачува: не гледајте што правевме досега, туку гледајте кон иднината“, рече Филипче пред присутните.
Тој реагираше на, како што истакна, обидите на власта да го релативизира сопствениот неуспех.
„Но јас имам една порака до Мицкоски – денот по утрото се познава. А утрото кое требаше да донесе надеж, гордост и перспектива, донесе само понижувања, негрижа, ароганција и своеволие. Додека Мицкоски држи прес-конференции за „успеси“ што никој не ги видел, земјоделците се оставени без денар поддршка, економијата е заглавена во место, со негативен раст. Нема поврат на ДДВ за фирмите, нема раст на платите. Нема реформи во судството. Нема мерки за цените. Има само долгови – 7 милијарди евра нов долг за една година. Има и галопирачка инфлација, во време кога властите нè убедуваат дека сме економски „тигар““, додаде Филипче, потенцирајќи ја апсурдноста на владините наративи во споредба со реалноста.
Во завршницата на своето обраќање, тој ја истакна директната реакција на граѓаните од теренот.
„Манипулациите не поминуваат кај граѓаните – денес тоа јасно го почувствував во Кавадарци. Сите се свесни дека не може ништо добро да се очекува од оваа власт. Напротив, како што тргнале состојбите, најлошото допрва доаѓа“, рече Филипче.
Завршувајќи го обраќањето, тој ја пренесе пораката на СДСМ:
„СДСМ останува таму каде што власта одамна не е – меѓу народот. Битката што следи не е само изборна – таа е борба за нормалност“, заклучи Филипче во Кавадарци.