Македонија
(Видео) Арафат Муареми: Финансиската полиција годинава лоцирала криминал од 150 милиони евра, најмногу кривични за даночни затајувачи

Финансиската полиција ја финишира истрагата за најмалку двајца актуелни судии и еден обвинител. Како што тврди директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, оваа истрага ќе одведе и до нови сознанија за други судии и обвинители.
Само оваа година финансиската полиција со своите кривични пријави лоцирала криминал во вредност од 150 милиони евра, што е 50 милиони повеќе од лани, но повеќето од овие кривични пријави не се спроведени пред надлежните обвинителства и нема оформени обвиненија. За оваа спрега меѓу Финансиската полиција и Обвинителството, Муареми вели дека одговорноста е и кај Бирото за судски вештачења, а решението е веројатно да се постави временска рамка во која Обвинителство ќе мора да постапува.
На листата со најголем број кривични пријави за годинава, вкупно 38 кривични дела се детектирани кај даночното затајување, кое, според Муареми, се прави најчесто преку фирмите што се отворени за оваа намена.
„Со Централниот регистар склучивме меморандум, со кој тие се обврзани неделно да нè информираат за фирмите што се бришат од Регистарот поради неактивност. За овие три години, избришани се 30.000 фирми и токму меѓу нив се оние што се отворени само со намена да затајат данок“, вели Муареми.
Муареми: Двајца бизнисмени од „Рекет“ разговараа со мене, но не кажаа дека се уценувани
Како човек што претходно работел во специјалното јавно обвинителство, за поранешната шефица Катица Јанева коментира дека ја разочарала јавноста и ја разнишала довербата во оваа институција, која беше клучна во борбата со организираниот криминал. Муареми повлекол два предмета што ги доставил до СЈО, а се однесуваат на „Скопје 2014“, за да не застарат, а постапката ќе ја продолжи во Јавното обвинителство.
„За случајот ‘Рекет’ не бев повикан да постапувам. Не сум имал никакви средби со Боки 13, а истрагата кај нас се водеше за невладината организација. Имав средба со двајца од вмешаните бизнисмени, на која се разговараше за отворање пензионерски дом, но тие не ми кажаа дека се уценувани“, вели Арафат.
Муареми открива дека од Македонија криминално стекнатите пари најчесто се изнесуваат во кеш. Нејчести дестинации каде што тие се одлеваат се Пакистан и Белизе.
За сето ова и можноста да се врати довербата во институциите и да продолжи борбата со оргнизираниот криминал, гледајте во интервјуто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.