Македонија
Хелсиншкиот комитет: Директори на средни училишта со автократски пориви го попречуваат правото на мирен протест

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро ги осудува обидите да се попречи уставно загарантираното право на мирен протест на средношколците.
Oд таму известуваат дека Комитетот ќе поднесе претставка до Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат поради, како што велат, недозволивото однесување на некои директори на училишта, кои се обидeле со заплашување и закани да ги спречат учениците да излезат на денешниот марш организиран од движењето „Петоци за иднината“ – Скопје и коалицијата „Зелен фронт“.
„Покрај неприкосновеноста на правото на протест, ја нагласуваме и потребата од промена во образовниот процес, каде што, наместо да се добива демократска наобразба и охрабрување на учениците да ги практикуваат своите права, сведочиме на автократски пориви на лица што се на раководни позиции во образованието“, се наведува во соопштението на Комитетот.
Во него се додава дека последиците од загадувањето и климатските промени се проблем од кој се погодени сите граѓани и затоа протестите имаат голема важност во подигнувањето на свеста за потреба од сеопфатна акција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
И јас ќе ги прашам Фетаи и Меџити дали користеле службени возила за приватни или партиски цели, вели Мицкоски

Десет дена по медиумските објави во кои се гледаат службени возила на вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи нешто пред полноќ паркирани пред трговскиот центар „Мавровка“, премиерот Христијан Мицкоски не знае дали таму биле на владин состанок. Тој денес кажа дека ќе ги праша на каков состанок биле со службените возила.
„Ние како Влада работиме до доцна навечер, и јас исто така. Сигурно биле на состанок во кој што имало потреба и поврзани работи со Владата, а доколку не биле тогаш треба да им се извинат на граѓаните. Ако ги користеле за приватни или партиски цели, да им се извинат на граѓаните затоа што ги трошат ресурсите на граѓаните. Но доколку имале состанок на тема поврзана со владините политики, тогаш во ред. Претпоставувам дека тие ќе го дадат одговорот, а и јас ќе ги прашам“, рече премиерот Мицксоки.
Екипа на „360степени.мк“ на 18 јуни објави дека ги фотографирала службените автомобили на заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, и вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, паркирани на булеварот Крсте Петков – Мисирков пред трговскиот центар „Мавровка“ околу 23 часот, во близина на партиски штаб на „Вреди“, чии членови се обајцата.
Вицепремиерите се уште јавно не кажаа на каков состанок биле.
За да се избегне користењето службени возила за приватни и партиски цели, оваа Влада најави регистарски таблички во боја за да може секој граѓанин да ги разликува од приватните возила и да пријави сомнеж за злоупотреба, но најавата се уште не е реализирана.
Македонија
Состојбата со пожарите е под контрола, ангажирани се и Армијата и полицијата, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со состојбата со пожарите и тоа како државата се справува со ситуацијата, изјави дека е повикан ЕУ-механизмот за помош, но мобилизирани се сите капацитети во Македонија за справување со пожарите и состојбите сега се под контрола.
„Имаме од 30, па и повеќе пожари секој ден. Вчера беа над 50 пожари. За повеќето од нив постојат основани сомневања дека се подметнати или, пак, се случиле од негрижа. До сега можам да кажам дека во јули ја држиме работата целосно под контрола. Во функција се сите оперативни летала што ги имаат Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата. Во функција се и оние возила, специјални возила, условно да кажам, што ги подготвивме бидејќи знаевме што нè очекува вакво лето. Го активиравме и европскиот механизам, мислам дека е активиран уште пред неколку дена“, посочи Мицкоски.
Огнена стихија има насекаде во Европа, рече премиерот, потенцирајќи за медитеранскиот дел.
„Но имајте предвид дека ваков тип на огнена стихија има насекаде во Европа, зборувам во медитеранскиот дел. Во Грција има жртви, огромни пожари, цели населби се зафатени. Во Турција исто така има жртви и повредени, цели населби, цели градови. Албанија, Косово, Босна, Хрватска, Србија, до пред некој ден знам дека имаше речиси 240 на ден. Шпанија, Италија, Кипар исто така. Така што, во овој момент нема слободни воздухоплови кои би биле дел од тој ЕУ-механизам што би помогнал. Во моментот повеќе од 200 припадници на Армијата се на терен. Полициските службеници, практично полицајците, ги возат оние специјалните возила, БТР, „пинцгауери“ и „хермелини“. Се организираме, работата е под контрола. Пожари ќе има цело лето, ќе има и во август. Во овој момент немаме некаде огнена стихија што е надвор од контрола“, објасни тој.
Македонија
ДУИ: Владата веднаш да ја укине антиуставната и незаконска одлука што ги дискриминира општините и ја исклучува дијаспората

Демократската унија за интеграција изразува загриженост и револт поради како што истакнуваат, дискриминаторската одлука на Владата за намалување на бројот на советници, со што директно се оштетуваат општините во кои значителен дел од населението се Албанци.
Од партијата на Ахмети додаваат дека уште во првата недела од својот мандат, оваа Влада презела незаконска и неуставна акција, еднострано менувајќи ја методологијата за пресметка на процентот на населението преку исклучување на „нерезиденти“, што во пракса значи исклучување на дијаспората.
„Како резултат на тоа, процентот на Албанците во државата беше вештачки намален од 29,5%, според пописот од 2021 година, на 24,3% – процент што е дури и понизок од оној од пописот во 2002 година, кога Албанците сочинуваа 25,17% од населението.
Оваа намерна статистичка манипулација веднаш беше искористена во формулата на балансерот, со што Албанците беа намалени за 5,2%, а потоа и за деформирање на нивното претставување во повеќе од 20 општини преку намалување на бројот на советници во овие единици на локалната самоуправа. Оваа одлука претставува директно кршење на член 34 од Законот за локална самоуправа, каде јасно стои дека бројот на советници се определува врз основа на бројот на жители, а не врз основа на нивниот резидентен статус“.
Спорната одлука, велат од ДУИ, е спротивна и на Уставот на државата, како и на основните принципи на еднакво претставување и право на учество. „Поради тоа, ние инициравме постапка за оценка на уставноста, по што Уставниот суд донесе одлука во наша полза, констатирајќи дека институциите не смеат да ги игнорираат нерезидентните граѓани, бидејќи тоа е спротивно на духот на еднаквост и инклузивност што го гарантира Уставот.
Сепак, и покрај оваа јасна одлука на Уставниот суд, Владата сè уште нема преземено конкретни чекори за укинување на дискриминаторската одлука и за враќање на легитимното право на општините за пропорционално претставување. Обидите за вметнување на оваа дискриминација и во Законот за локална самоуправа пропаднаа поради отсуство на двојното мнозинство (Бадинтер), но политичката волја за наметнување на оваа неправда останува очигледна“.
ДУИ бара Владата веднаш да ја укине антиуставната и незаконската одлука, да го врати бројот на советници согласно реалните податоци од пописот и во согласност со одлуката на Уставниот суд и законот.
Сега е моментот, додаваат од оваа партија, кога може да се дејствува за да се спречат сериозни последици врз легитимноста на претстојните локални избори.
Според ДУИ, доколку Владата не ја коригира оваа неправда, тогаш одговорноста ќе падне врз сите оние кои, со своето молчење или соработка, го легитимираат институционалната дискриминација против граѓаните и исклучувањето на дијаспората од јавниот живот.
„Во спротивно, ние како политички субјект ќе бидеме принудени да ги искористиме сите правни и институционални средства за поништување на оваа одлука и за заштита на легитимните права на општините и на нашите граѓани“.