Македонија
СДСМ: Мицкоски ги следи само принципите на груевизмот

Единствениот принцип во кој верува Христијан Мицкоски е принципот на груевизмот – ВМРО-ДПМНЕ да се богати додека граѓаните и државата осиромашуваат и тонат во долгови, реагираат од СДСМ на говорот на Мицкоски на денешниот собир на партијата – „Обновата доаѓа“, што се одржа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.
„Мицкоски може да нуди само обнова на режимот, затоа што и тој е дел од режимот како советник и генерален секретар на Никола Груевски. Какви промени зборува овој загубен човек? Па тој ништо не промени во ВМРО-ДПМНЕ и нема ниту дозвола ниту капацитет за повеќе. Мицкоски е портпарол на Никола Груевски и ништо повеќе. Ставовите на Мицкоски во однос на правдата се најголемата денешна лага. Тој е најголемиот кочничар на правата и го брани криминалот на режимот.
Да беше за одговорност Мицкоски уште денеска ќе го повикаше на одговорност неговиот секретар Игор Јанушев. Затоа што како потписник на сметката го прекршил Изборниот законик со незаконски долг од 400.000 евра за кампањата. Најбогатата партија во Европа со замрзнат милионски имот да најавува закон за утврдување на потеклото на имотот на политичарите е дрско и лицемерно. Еве нека не го опструираат случајот Талир и Талир 2 и криминалните пари од белиот дворец ќе се вратат кај граѓаните.
Мицкоски е дефиниција за политикант затоа што едно зборува дома, а друго надвор, едно кажува во јавните настапи а друго на средба со странски претставници. Западнат во очај и безидејност денеска Мицкоски ветува мерки што веќе се спроведуваат и даваат резултати. Затоа ВМРО кочничарска ДПМНЕ го кочи покачувањето на пензиите во Собрание, донесувањето на Законот за одбрана, ја опструира правдата. Тоа е понудата на Мицкоски, лицемерие, лажен патриотизам и обнова на режимот. Со таква понуда го чека извесен пораз на 12 април. 12 април е Денот Д за расчистување на последните остатоци од режимот на Груевски. На изборите граѓаните ќе ја поразат деструктивната политика и ќе порачаат режим – никогаш повеќе!“ порача партијата СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.