Економија
Предупредувачки штрајк на пазарџиите од Зеленото пазарче во Скопје

Денеска, пазарџиите од Зеленото пазарче во Скопје ќе излезат на предупредувачки штрајк и тезгите ќе останат заклучени во текот на целиот ден поради зголемувањето на цените за изнајмување тезги и поради тоа, како што велат, што не им се подобрени условите во кои работат.
Од таму велат дека ценовниците предвидуваат поскапување и ако досега било наплаќано за тезга 50 или 100 денари, сега се пристапува кон наплаќање дневен закуп од 250 денари. Исто така, укината е и резервацијата во зимскиот период и сега закупците треба да платат цел износ однапред од 5.250 денари.
Цената за дневен закуп на тезга е зголемена, а исто така неисплатлив бил и месечниот закуп од 2.500 до 7.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.