Македонија
ВМРО-ДПМНЕ најавува промена на уставното име ако освои 80 пратеници на изборите

ВМРО-ДПМНЕ планира ако освои 80 пратеници на изборите, да пристапи кон менување на преспанскиот договор и враќање на уставното име. Ова денеска го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а го потврди како партиски став и генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, одговарајќи на новинарски прашања.
Јанушев рече дека тоа е став што ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го кажала во јавноста.
„Да не очекувате дека сè што ќе каже претседателот Мицкоски не е став на ВМРО-ДПМНЕ. За тоа сме дискутирале, сме зазеле став уште поодамна и нормално дека нема да бегаме од тој став“, рече Јанушев.
Запрашан како ја коментира реакцијата на СДСМ дека со овој чекор патијата е против НАТО и ЕУ, Јанушев одговори дека тие се првата политичка партија во Македонија која определбата за НАТО и за ЕУ-интеграциите ги има ставено и како програмска определба и како дел од нејзиниот статут.
„Мислам дека е веќе време за престанување со дефокус на јавноста. Да ве потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ учествуваше во сите реформски и системски закони кои им помогнаа на Република Македонија и на граѓаните во Република Македонија за што побргу да можеме да пристапиме кон НАТО, за што побргу да ги почнеме преговорите со ЕУ“, рече Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поплавени куќи, магацини и индустриски објекти во Студеничани, Батинци, Пинтија и Горно Лисиче

РЦУК – Скопје, известува дека поради врнежите од дожд, во текот на доцните попладневни и вечерните часови, дојдено е до зголемување на нивото на Маркова Река поради што истата е излеана преку мостот кај н.м.Љубош и низводно, и дојдено е до поплавување на неколку куќи, магацини и индустриски објекти во селата Студеничани и Батинци, како и делови кон Пинтија.
Исто така пријавено е и поплавување на дел од булеварот Борис Трајковски кај населба Пинтија, каде исто така имало пријави за поплавени магацини. Според информациите од лицето за контакт од ЕЛС Студеничани, интервенираат службите на ЕЛС Студеничани со локалните фирми, а исто така на терен има и претставници од ЕЛС Кисела Вода.
Во текот на ноќта, на Единствениот број за итни повици 112 добиени се и пријави за поплавени куќи во Горно Лисиче (општина Аеродром), каде интервенира ЕЛС Аеродром.
Исто така, на поплавените места интервенираат и БППЗ на град Скопје и Јавните претпријатија на град Скопје и ЕЛС.
АМСМ известува дека непроодни се локалниот пат село Горно Лисиче према село Долно Лисиче (општина Аеродром) и првиот мост во село Батинци (општина Студеничани).
ЈСП Скопје, известува дека поради поплавите од Маркова река, автобусот со број 70 сообраќа до почетна/крајна станица Дризла и автобусот со број 33 преку населба Драчево во двете насоки.
Македонски железници известуваат дека железничкиот патнички и товарен сообраќај, од 22:50 часот е во прекин во правец на Лисиче и Драчево и обратно, додека патничкиот сообраќај се одвива преку станицата Трубарево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради санирање појавен дефект на водоводна мрежа со пречник Ф-1 цол на ул. Копенхагенска, крстосница со ул. Стокхолмска во населба Тафталиџе, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Копенхагенска, Стокхолмска, Софиска, Његошева, Гаврил Лесновски и Петар Драганов во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:30 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Аеродром, Сопиште и Зелениково денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Лисиче, општина Аеродром;
· во истиот термин од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на зградата на Алкалоид на ул. 3 -та Македонска Бригада., општина Аеродром;
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од с. Горно Соње, поточно улиците со бр. 10 и бр. 12, општина Сопиште;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од селата: Дејковец и Добрино, општина Зелениково.