Македонија
Спасовски и Царовска на предновогодишно дружење со децата од домовите „25 Мај“ и „11 Октомври“
Децата од малите групни домови од „25 Мај“ и „11 Октомври“ денеска предновогодишно се дружеа со министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Мила Царовска, како и со претставници на Одделот за специјални полициски операции (ОСПО). Децата имаа можност да се запознаат и со работатата на единиците за специјални задачи, за брзо распоредување и за обука и поддршка, да ја видат нивната опремата и да ручаат заедно со полицајците во мензата во полицискиот центар „Ѓорче Петров“, а им беа презентирани и вештините на спуштање по јаже од хеликоптер од страна на претставници од Единицата за специјални задачи.
Притоа, децата од малите групни домови од „25 Мај“ и „11 Октомври“ добија и новогодишни подароци, обезбедени од донацијата од припадниците од трите единици на Одделот за специјални полициски операции. Донацијата се состои од прехранбени артикли и зимска облека, купена со средства собрани од припадниците на ОСПО.
Честитајќи им ги претстојните празници на децата од малите групни домови од „25 Мај“ и „11 Октомври“, министерот Спасовски подвлече:
„Овие празници се време за удобност, љубезност, за побогата трпеза и топлина, за допир на пријателска рака, за внимание кон оние за кои се грижиме. Тука сме со децата, заедно со дел од нашите полициски службеници, да им покажеме дека се важни за нас, дека можат да сметаат на нас во секое време“, рече Спасовски.
Министерката Царовска истакна дека сега кога немаме повеќе деца во институции, целта на оваа Влада е во наредниот период да бидат збогатени програмите за едукација, со што слободното време на децата од малите групни домови ќе биде посветено на учење занимања, вештини и социјализација.
„Најважно од сè вистински да го слушнеме гласот на секое дете. Да им помогнеме, да ги поддржиме, бидејќи овие гласови се темелите врз кои треба да ги креираме идните политики. Заеднички да изградиме општество во кое нашите млади ќе сакаат да живеат, каде ќе можат безбедно и среќно да растат, да се развиваат и да успеваат“, рече Царовска.
Со процесот на деинституционализација, Министерството за труд и социјална политика една година порано од планираното успеа да ги извади сите деца од институции. Досега, низ цела држава се отворени вкупно 22 групни домови, во коишто во атмосфера налик на семејната, живеат 180 деца. Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да се грижи за секое дете и да ја јакне јавната свест за потребата, значењето и користа од процесот на деинституционализацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

