Свет
Трамп во војна со ветерниците
Претседателот на САД, Доналд Трамп, одржа говор пред младите конзервативци на Флорида посветувајќи дел на ветрот и ветрогенераторите, кои ги нарекува ветерници, пишува „Гардијан“.
„Никогаш не го разбрав ветрот. Знаете, ветерниците ги знам. Ги проучував ветерниците повеќе од кој било друг. Тие се бучни, убиваат птици. Сакате да видите гробишта на птици? Тогаш понекогаш одете до ветерниците. Ќе видите повеќе птици од кога и да било во вашиот живот“, рече Трамп.
Британскиот весник овој говор на Трамп го нарече бизарна тирада против ветрогенераторите.
„Трамп рече дека знае повеќе за Исламската држава од неговите генерали, тврди дека ги разбира политичарите подобро од сите. Сега има една тема во која стручното знаење на Трамп го надминува знаењето на другите – ветрогенератори, кои тој ги нарекува ветерници“, забележува „Гардијан“.
Американскиот претседател рече дека ветрогенераторите главно се прават во Кина и Германија и дека испуштаат многу чад и гас во атмосферата.
Повикувајќи се на Американското здружение за ветрогенератори, „Гардијан“ забележува дека има повеќе од 57.000 ветрогенератори во Соединетите Држави.
Трамп ги коментира и боите на ветерниците.
„Ги гледате сите тие ветерници. Тие се со разни нијанси на боја. Тие се малку бели, но некои се портокалово-бели. Тоа е мојата омилена боја, портокалова“, рече Трамп.
„Гардијан“ потсетува дека Трамп тврдеше претходно оваа година дека ветрогенераторите предизвикуваат карцином поради вревата што ја создаваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на клучни лекови
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на инсулини, инсулински аналози и група антибиотици до 23 јануари наредната година, според налог на министерот за здравство Силвио Кирилов. Министерството соопшти дека забраната повторно се продолжува поради проблеми со снабдувањето, пријавени недостатоци и одбивања од веледрогерии.
Како причини се наведуваат неправилности и доцнења во испораките, како и намалени количини нарачани лекови. Забраната ги опфаќа инсулините и нивните аналози, SGLT2-инхибиторите и лековите на база семаглутид, како и антибиотиците на база азитромицин. Забранет е и извозот на месалазин.
Забраната за извоз на инсулини првпат беше воведена во ноември 2023, а потоа повеќепати продолжувана.
Свет
Пакистан: Тројца бомбаши-самоубијци го нападнаа седиштето на паравоените сили
Тројца бомбаши-самоубијци денес го нападнаа седиштето на паравоените сили во Пешавар, при што загинаа три припадници, а најмалку петмина беа ранети, пренесе „Ројтерс“. Напаѓачите прво отвориле оган на влезот, а потоа се разнеле во кругот на комплексот на граничната полиција.
Полицијата соопшти дека напаѓачите се пробиле во објектот по првичната престрелка. Областа е блокирана од армијата и полицијата, а според локални извори се сомнева дека во комплексот можеби има уште напаѓачи. Ранетите, меѓу кои и двајца припадници на паравоените сили, се пренесени во болница.
Нападот се случува во време на зголемена активност на исламистички милитанти во регионот, по смртоносните погранични судири меѓу Пакистан и Авганистан минатиот месец. Досега ниту една група не презеде одговорност.
Свет
Германскиот канцелар: Русија мора да се врати на преговарачка маса
Русија мора да учествува во разговорите за мировниот план за Украина за тој воопшто да има шанса, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц на самитот ЕУ–Африканска унија во Луанде.
„Русија мора да биде присутна на масата. Ако тоа се оствари, секој напор би бил оправдан, а во спротивно, ќе треба да се удвојат напорите“, рече Мерц.
Берлин го поздрави напредокот постигнат во Женева врз основа на американскиот мировен нацрт од 28 точки, првично оценет како премногу наклонет кон Москва. Мерц нагласи дека Европa мора да го одобри секој дел од идниот договор што се однесува на нејзината безбедност.
По неделните разговори во Женева, САД и Украина изработија нова, ревидирана верзија на мировната рамка за која велат дека целосно ја почитува украинската сувереност. Почетниот план на Доналд Трамп содржел повеќе руски барања, меѓу кои територијални отстапки, намалување на украинската војска и откажување од членство во НАТО, со западни безбедносни гаранции за Киев.

