Македонија
Јанакиески во случајот ТНТ: Ако сакате само мене да ми ја скинете главата, повелете

Обвинетиот Миле Јанакиески побара да не се раздвојува постапката и да продолжи судењето за него, за Никола Груевски и за Елизабета Најдовска. Според него, доколку на Трајковски му се суди посебно, нема да се дознае вистината за рушењето на „Космос“. На обвинителот Рустеми му порача дека ако Обвинителството сака да му ја скине главата, односно само тој да одговара, тогаш да го направи тоа.
„Целта на едно судење е да се дознае вистината. Јас немам отсуствувано на ниедно рочиште. Ако Обвинителството смета дека треба само јас да одговорам за овој предмет, тогаш нека се одвои постапката. Дајте му простор на адвокатот на Тони Трајковски да му се јави и да зборува дали тој ќе може да дојде и да вети дека ќе дојде на утршното рочиште. Јас не знам дали поротникот има мандат или не. Ако Тони се издвои од овој настан, нема да се дознае вистината. Јас имам многу прашања за Тони. Ако Обвинителството има цел да му ја скине главата на Миле Јанакиевски, повелете“, рече Јанакиески.
Адвокатите го оспоруваа предлогот на обвинителот Бурим Рустеми, кој го побара раздвојувањето, а истовремено пречка да продолжи судењето, според нив, е и возраста на судијката поротничка, која треба да биде пензионирана.
„Од утре ќе поднесувам поднесоци за сите прекршувања, па да видиме кој го знае законот, а кој не. Кој опструира и зошто се одложува“, рече адвоктот Дончо Наков по што Рустеми праша: „Ова како закана да го сфатиме или?“, а Наков повторно одговори: „Не, како ветување“.
Во предметот ТНТ, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
АМСМ известува дека денеска во време од 08:00–16:00 часот ќе биде обезбедувана велосипедска трка ХРОНО, при што сообраќајот на регионалниот пат граничен премин Пелинце на потегот од раскрсницата за село Драгоманце до Меморијалниот центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде запрен.
Исто така, истиот ден на 22.07.2025 година во време од 08.00–17.00 часот ќе биде обезбедувана велосипедска трка МОУНТАИН БАЈК (тренинг), при што сообраќајот на патот во село Добршане на регионалниот пат за Свети Николе до местото викано Студена Вода ќе биде запрен.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за 23.7. и 24.7.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце се бележи зголемена фреквенција на возила за влез и излез од државата, времето на чекање е околу 15-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Претежно сончево и многу топло, максималната температура до 42 степени

Времето денеска ќе биде претежно сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 35 до 42 степена.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 41 степен.
Времето во наредните денови
Под влијание на топол бран од југ до сабота (26.07) времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Дневната температура насекаде ќе биде над просекот за месец јули.
Македонија
ДУИ ги соопшти имињата за градоначалници и во Тетово и Желино, за Гостивар ќе чека предлог од Таравари, а за Струга од Села

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, свика редовна седница на Централното претседателство на партијата, на која беа разгледани актуелните политички случувања во земјата и подготовките за претстојните локални избори.
Централното претседателство едногласно го именува Фатон Ахмети, генерален секретар на ДУИ, за шеф на Централниот изборен штаб.
Исто така, со целосен консензус беа потврдени кандидатите кои ќе се натпреваруваат за градоначалници и носители на советнички листи во повеќе општини:
Во Општина Тетово, кандидат ќе биде Бајрам Реџепи, потпретседател на ДУИ.
Во Општина Желино, кандидат ќе биде Гемир Сулејмани, претседател на општинската организација на ДУИ.
Во Општина Гостивар, носител на советничката листа ќе биде Валдет Џафери, претседател на огранокот на ДУИ. Во Општина Струга, носител на советничката листа ќе биде Фатон Пололжани, претседател на огранокот на ДУИ.
Во наредните денови, по завршување на внатрепартиските и коалициските консултации, ќе бидат потврдени дополнителни кандидати за останатите општини.
Од Алијансата за Албанците, преку Зијадин Села, се очекуваат предлози за кандидати за градоначалници во општините Струга, Харачина и Дебар, а од Арбен Таравари – за Гостивар, Врапчиште, Теарце и Сарај.
Од ДУИ велат дека остануваат посветени на фер, инклузивен и програмски силен изборен процес, а граѓаните се повикуваат како на референдум да ја потврдат следната победа на локалните избори.