Македонија
Филипче: Во континуитет им ги зголемуваме платите на здравствените работници

Министерството за здравство информира дека за две години направени се рекордни покачувања на платите во јавното здравство.
Од септември 2018 година во континуитет почнаа да им се зголемуваат платите на здравствените работници, велат од Министерството.
Нагласуваат дека вкупно, со предвиденото зголемување на платите во февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист се зголемува 40 проценти, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 отсто, на општите лекари 25 и на здравствените соработници 15 проценти.
„Имавме повеќе средби со администрацијата и со помошниот технички персонал. Не можеме администрацијата да ја одделиме од другата администрација во другите сектори во другите ресори. Во повеќето наврати во кои се сретнавме укажавме на тоа дека и покрај тоа што сакаме да пробаме заедно со Министерството за информатичко општество и администрација да направиме, доколку може, законски измени за таа администрација да се изземе од другата, па да имаме простор во иднина тоа да го направиме. Сега зависиме и од средствата што треба да се имаат предвид за зголемување на платите и за другата администрација“, потенцира министерот Филипче.
Додаде дека зголемени се коефициентите за исплата на дежурства и ноќен труд на медицинскиот кадар, а некои типови дежурства се зголемени два, односно трипати.
Првпат, додаваат од Министерството, приватните специјализанти се платени за својата работа во висина од просечна плата на општ лекар. Приватните специјализанти доктори на медицина од конкурсот во 2019 ќе бидат платени за работата од февруари 2020 година, со што се изедначуваат со статусот на своите колеги кои првпат добија надоместок за својата работа во 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.
Македонија
Забрана за нови вработувања, поткуп, користење државен имот за кампања – ДКСК потсетува на забраните од денот на распишувањето на изборите

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека во периодот од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат специфични забрани и мерки.
Нови инвестиции и вонредни исплати од буџетот не смее да почнат или се извршат, освен ако претходно се обезбедени средства во согласност со законот.
Забрането е почнување постапки за нови вработувања или престанок на работен однос во државните и во јавните институции, освен во итни случаи.
Политичките партии и кандидатите не смее да користат противправни или анонимни извори на финансирање.
Државниот имот и буџетските средства не смее да се користат за изборна кампања или финансирање политички активности.
Поткупот на избирачи и давањето или ветувањето подарок за гласање е строго забрането.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување не смее да се одржуваат јавни настани поврзани со изградба или пуштање во употреба објекти со државни средства.
Министерството за финансии е задолжено да ги објавува сите буџетски исплати во изборниот период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци.
Јавните фондови, претпријатијата и другите субјекти со државен капитал треба да достават податоци за моторните возила до ДКСК во рок од десет дена од распишувањето на изборите.
Користењето службени простории, опрема и возила за изборни активности е забрането.
Забранети се притисокот и заплашувањето гласачи и нивните блиски лица.
ДКСК ќе ја следи законитоста на изборниот процес и ќе презема мерки при сомневање за прекршување на законите.
Во изборниот период Комисијата нема надлежност да дава мислења по барања поврзани со постапките на државните и на локалните органи.
ДКСК ги повикува медиумите, здруженијата на граѓани и јавноста да пријавуваат прекршувања на забраните предвидени во законот.