Економија
Арсовска: Реформи за намалување на парафискалните давачки
На панел-дебатата во организација на Finance Think за парафискалните или скриените неданочни такси, давачки и надоместоци воведени од централната и локалната власт, независните агенции и регулаторните тела, претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Данела Арсовска, истакна дека тие претставуваат голем товар за стопанството.
Во согласност со анализите на Сојузот, во последните 10 години бројот на парафискални давачки во континуитет се зголемува, се воведуваат плаќања за полагање испити, за концесии, како и за издавање документација од институциите по разни основи. Покрај средствата што ги трошат, компаниите губат време во долги административни процедури со многубројна документација, кои не се современи и се сметаат за застарени и непотребни. Дополнително, постојниот систем на скриени давачки е непредвидлив, непостојан и тоа сериозно влијае на конкурентноста на македонското стопанство и влева несигурност кај компаниите. За споредба оптоварувањето кај стопанството со неданочни давачки е значително поголемо од даночните.
Сојузот на стопанските комори на Македонија води регистар по пријави на компаниите за тоа кои се најголемите парафискални давачки што го отежнуваат бизнисот и апелира за нивно намалување или укинување од страна на надлежните институции.
Како една од парафискалните давачки компаниите ја посочуваат давачката за потврда за извршен периодичен здравствен преглед на вработените во компанијата за која се плаќаат суми утврдени со тарифник. Оваа давачка е за потврда, која секој вработен може да ја добие и од својот матичен лекар од редовен преглед преку здравственото осигурување за кое исто така континуирано плаќаат компаниите за лицата што се вработени. Во случајот е истакнато двојното плаќање од страна на компаниите и овој трошок е посочен како една од трите најголеми и најчесто споменувани парафискални давачки.
Уште еден пример е надоместокот за фискални каси, регулиран со Законот за регистрирање на готовинските плаќања со кој, покрај фискалните апарати, компаниите плаќаат илјадници денари од фискален апарат за одржување, неоснована давачка што се наплаќа без разлика дали компанијата користи услуга на одржување или не. Во надоместокот се пресметува за СИМ-картичка, која овозможува поврзување со системот на УЈП, која чини околу 300 денари, но разликата од цената на чинење на СИМ-картичката до вкупната сума изнесува илјадници денари од фискален апарат секоја година.
Како еден од приоритетите е промена на основот на кој се пресметува фирмарината, парафискална давачка што компаниите им ја плаќаат годишно на локалните власти. Моментно утврдениот износ на фирмарина не ја изразува реалната состојба бидејќи сите компании ја плаќаат истата сума која за микрокомпаниите е огромен трошок за разлика од големите претпријатија, кои го плаќаат истиот износ на фирмарина. Поточно, фирмарината е иста и за компании со 1 или со 1.000 вработени, а дополнително е детектирана како огромно оптоварување за стартап-компаниите уште во првата година од формирањето. Потребно е износот да се утврди скалесто според одредени критериуми на големина на компанијата како не би претставувала неиздржливо годишно оптоварување за микро и малите претпријатија, но и за претприемачите.
Субиндикаторите на парафискалните оптоварувања според Светскиот економски форум укажуваат дека непотребните административни трошоци во Македонија се највисоки во споредба со Црна Гора, Србија и со Хрватска. Тоа се однесува и на трошоци поврзани со регулативата, како и на транспарентноста во носење на легислативата и прописите.
Во таа насока неопходни се реформи, односно потребна е контрола при воведување на парафискалните давачки и да се напушти моментната пракса секоја институција, агенција, управа, општина, директно да донесуваат одлуки за нови давачки и за нивната висина. Пред нивно донесување стопанството треба да биде консултирано за оправданоста на одредена давачка, со навремена најава и соодветно образложение и соодветна анализа дали е неопходен новиот трошок за компаниите. Дополнително, како приоритет треба да бидат ставени и реформите во кратење на постојните неданочни давачки.
Да се елиминира двојно плаќање за иста намена, сумите да бидат разумни и да соодветствуваат со услугата што се добива за возврат, да се укинат парафискалните давачки за кои не се добива никаква услуга, да се обезбеди предвидливост и транспарентност за да не може органите на централната и локалната власт без најава и соодветна анализа за оправданост да наметнуваат или зголемуваат давачки.
Најважно и последно барање е да се пропише регистар за оние давачки што не може да се укинат, во кој ќе бидат предвидени највисоките цени што може да се пропишат и тие да бидат предмет на ревизија на годишно ниво бидејќи со процесите на дигитализација властите имаат сè помалку трошоци и соодветно треба да се намалуваат и трошоците, односно таксите за компаниите и граѓаните.
Големиот број парафискални давачки непотребно го оптоваруваат стопанството и затоа неопходен е регистар за систематизација, како и соодветно намалување на скриените давачките и олеснување на секојдневните процеси, така ќе се овозможи компаниите и граѓаните што работат во функционален, предвидлив и економски оправдан финансиски систем да придонесат за одржлив раст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

