Македонија
„Скаран сум со Катица Јанева“, рече бизнисменот Томе Главчев
„Скаран сум со Катица Јанева“, рече бизнисменот Томе Главчев, кој е осомничен во случајот на СЈО, „Поштенска банка“, а истовремено е сведок во „Рекет“. Главчев вели дека има траума од СЈО поради моќта што била демонстрирана.
„Тоа што се случуваше во СЈО беше изживување, голема траума. Ми кажаа дека сум сведок, а на роденденот на синот бев повторно повикан во СЈО за да ми кажат дека сум осомночен. Јас таму имам дадено изјава како сведок пред обвинителот Бурим. Бев изненаден. Адвокатот ми кажа дека најпозитивно за мене е да не давам изјава бидејќи станува збор за неовластен тужител и дека тоа е тенденција, суета од страна на обвинителката, и дека е најпаметно ние да поднесеме тужба. Јас одбив тужба гледајќи ја моќта на обвинителството што се демонстрира, а особено бев исплашен бидејќи кога бев приведен од дома стражарно, кај мене дојдоа со наредба за личен претрес, а се шетаа со шмајзери низ куќата. Беше стресна ситуација“, сведочеше Главчев.
Сведокот во „Рекет“ и бизнисмен Главчев рече дека неговата фирма „НОЕЛ Гевгелија“ се рекламирала на „1ТВ“.
„Мојата конфекцијата е позната по производство на машки кошули, па затоа сакавме форсирано да се рекламираме. Разговарав со повеќе медиуми. Стапив во контакт со господинот Јовановски. Ми требаше простор од 40 до 50 милиони евра годишно бидејќи толкави трошоци можам да поднесам. Имав коректни разговори сè до обидот за моето приведување. Тогаш цената скокна. Требаше да платам 100 илјади евра“, рече Главчев.
Адвокатот Сашо Дуковски, кој го застапува Бојан Јовановски, праша дали неговиот клиент зборувал за случајот „Поштенска банка“, кој го води СЈО, на што бизнисменот Главчев рече: „Не, јас го имам споменувано“.
Главчев рече дека со Јовановски разговарале за неговата конфекција и за кошулите што ги произведувал.
„Го гледав Боки на некои слики со Катица Јанева. И јас го прашував, што е, како е со мојот случај. Тој на една средба ми рече: ‘Ти си една колетералка, треба да бидеш спокоен’“, рече Главчев.
„Бојан Јовановски е интересна фигура. Сме разговарале и за фабриката, кошулите, се мешаше во стајлингот. Јас за него имав работено неколку црни кошули“, рече Главчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНМ и ССНМ: Каква било резолуција не смее да влијае на новинарската слобода на изразување
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), укажуваат на одредени формулации во Резолуцијата за миграцијата поднесена од партиите што се дел од владината коалиција до Собранието, кои се однесуваат на јавниот говор и медиумското известување. Притоа, истакнуваат дека не навлегуваат во политичката, безбедносната или стратешката суштина на резолуцијата, ниту во дебатата за мигрантските политики.
„Неколку формулации во резолуцијата кои се однесуваат на јавниот говор, дезинформациите и наводното нарушување на јавниот ред и мир, во ваква општа и недоволно прецизна форма можат да бидат проблематични од аспект на слободата на медиумите и правото на информирање“, велат од таму.
Во соопштението се наведува дека особено загрижува фактот што во резолуцијата се прави директна врска меѓу „дезинформации“, „ширење паника“ и примена на одредби од Кривичниот законик и други закони, без јасно и недвосмислено разграничување меѓу политичка пропаганда, јавно мислење и професионално новинарско известување. Ваквите формулации, велат од ЗНМ и ССНМ, оставаат простор за широко толкување и потенцијална злоупотреба, што може да има обесхрабрувачки ефект врз медиумите и новинарите.
„ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во демократско општество улогата на медиумите е критички да ги преиспитуваат изјавите и политиките на сите носители на власт, вклучително и преку поставување прашања, анализа и пренесување информации од јавен интерес, дури и кога тие информации се непријатни или контроверзни за власта. Таквото известување не смее да се поистоветува со „дезинформации“, „манипулации“, „лажни сценарија“ или закана по јавниот ред и мир, доколку е засновано на професионални и етички новинарски стандарди.
Доколку постојат сомнежи за неетичко или непрофесионално известување, ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во државата веќе постојат воспоставени механизми за саморегулација, како што се Советот за етика во медиумите и Советот на честа, кои се единствениот соодветен пат за постапување во вакви случаи, наместо решенија преку општи политички акти со потенцијално ограничувачки ефект кон слободата на изразувањето.
Апелираме институциите, при донесување резолуции, декларации или други акти, особено внимателно да ги формулираат деловите што се однесуваат на медиумите и јавниот говор, со цел да не се создаде впечаток на притисок, цензура или закана по слободата на изразување, која е загарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права.
Слободните, професионални и независни медиуми и заштитата на правата на новинарите се клучен столб на демократското општество и на јавниот интерес“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.

