Македонија
(Видео) Николовски: Се потврди она што го кажав – дека почесен конзул бил цел на рекет
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, истакна дека на денешното рочиште за „Рекет“ се потврдило она што тој го тврдел пред неколку месеци – дека еден амбасадор од земја членка на ЕУ реагирал кај министерот Димитров затоа што почесниот конзул на таа држава бил рекетиран од Бојан Јовановски и други лица поврзани со него, со синот на Катица Јанева и други.
„Драго ми е што вистината излегува на виделина, знаете дека Зоран Заев се закани дека ќе ме тужи за клевета за случајот ‘Рекет’. Јас пред неколку месеци на телевизиско соочување, односно дебата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, реков дека еден амбасадор од земја членка на ЕУ реагирал кај министерот за надворешни работи затоа што почесниот конзул на таа држава, за која еве сега е познато името, бил рекетиран од Бојан Јовановски и други лица поврзани со него, синот на Катица Јанева и други. Тоа тогаш беше најостро демантирано од Никола Димитров дека таква работа немало, дека тоа било лага и така натаму. Но, пред вистината и боговите молчат. Еве, по неколку месеци, во судска постапка се потврдува дека Никола Димитров знаел за рекетот и не пријавувал затоа што тоа е кривично дело и би сакал да го повикам ЈО и сите други органи да го повикаат Никола Димитров и да го прашаат зошто не пријавил и соодветно да спроведат кривична постапка против него затоа што затскривање или непријавување кривично дело е исто така кривично дело. Очекувам првин министерот за надворешни работи да поднесе оставка и потоа кривично да одговара поради тоа што не го пријавил случајот ‘Рекет’“, рече Николовски.
Тој смета дека во судовите има два типа на случаи, едните што одат многу бавно и други што одат многу бргу.
„Во едните или судијата заборава да закаже рочиште по 90 дена, па почнуваат од почеток или вака се донесуваат ослободителни пресуди, а другите гледаме одат по 12 часа на ден, па преспиваат луѓето, па продолжуваат утредента. Во првите има договор со Зоран Заев, во вторите нема договор со Зоран Заев. Јас зборував уште минатата година дека постои криминална коалиција, таа криминална коалиција ја гледаме на дело. Интересно е што пред оваа судска одлука имаше изјави на еден од сега веќе ослободените во однос на тоа дека Албанците треба да гласаат директно за СДСМ, а исто така е интересно што еден од членовите на Судскиот совет е сопруга на висок функционер на СДСМ, што само потврдува дека се работи за потврда на криминалната коалиција за која ние зборуваме повеќе од една и пол година, која, за жал, функционира во државата, ја разјадува државата, го разјадува судството и го разјадува владеењето на правото“, вели Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

