Македонија
Основното училиште „Киро Глигоров“ најуспешно архитектонско дело во 2019

Претседателот Стево Пендаровски вечерва ја врачи Големата годишна награда за архитектура во 2019 година за основното училиште „Киро Глигоров“ на Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи. Големата годишна награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на манифестацијата.
Пендаровски во своето обраќање истакна дека секое архитектонско дело, меѓу другото, е резултат на низа компромиси, независно дали се буџетски, просторни, временски.
„Но, убеден сум дека најголемиот компромис што мора да научиме да го правиме е компромисот во полза на здравата животна средина и хуманиот простор. Ако сакаме градбите од нашата генерација да го издржат тестот на времето, тие мора во себе да ја вградат солидарноста кон луѓето и одржливоста кон природата“, рече претседателот Пендаровски.
Тој во обраќањето потсети на скорешното крајно негативно искуство кога политичарите беа архитекти, а архитектите само извршители на нивните замисли и упати порака до архитектите.
„Сакам да апелирам до сите вас, и сега и во иднина, никогаш да не правите компромиси со вашиот личен и професионален интегритет и наместо правилата и етиката на вашата професија да го следите диктатот на политиката“, порача претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На ГП Богородица се чека 30-ина минути

Од 03.09.2025 г. во период од 2 седмици, на патниот правец Гостивар – Тетово и обратно од патарина Тетово до патарина Гостивар, ќе се изведуваат градежни истражувачки работи, поради што сообраќајот ќе се одвива под времен режим на сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Богородица времето на чекање е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево
Македонија
Филков: Советот за следење на реформите во правосудството ќе има задача да алармира кога институциите не ги постигнуваат очекуваните резултати

Денеска, се одржа конститутивна седница на Советот за следење на реформите во правосудството, кој има мандат да ја следи имплементацијата на развојната секторска стратегија за правосудството (2024 – 2028) со акциски план и реформската агенда 2024 – 2027 во делот 5 – Фундаментални вредности/Владеење на правото.
Министерот за правда Игор Филков, кој претседаваше со седницата, рече дека со формирањето единствен Совет за следење на реформите во правосудството, кој го обединува следењето на двата најзначајни документа, ќе се овозможи координативен, ефективен и ефикасен начин на следење.
,,Ќе се постапи по препорака од претходен ревизорски извештај и ќе се избегне формирање паралелни совети со состав од претставници од исти органи, што непотребно би довело до зголемени трошоци, извештаи со разни податоци и трошење на ресурсите и непочитување на начелото на економичност во постапувањето на институциите”, потенцира Филков.
Советот ќе овозможи координиран пристап до преземените мерки и активности во насока на напредокот на државата, ќе обезбеди усогласеност и континуитет на реформите во правосудството и ќе претставува тело што ќе обезбеди транспарентност, континуитет и отчетност во процесот на спроведување на реформите. Ќе има задача да ја следи имплементацијата на реформите, да алармира кога институциите не ги постигнуваат очекуваните резултати и да дава стручни мислења преку своите членови – експерти од правосудството, академијата и граѓанскиот сектор.
Членови на Советот се високи претставници на Владата, правосудните институции, граѓанскиот сектор и докажани експерти.
Македонија
Делегација на Царинската управа во посета на Србија: олеснета трговија, побрз проток и посилна регионална соработка на патот кон ЕУ

Соработката меѓу македонската и српската царинска служба продолжува со конкретни резултати и нови договори за унапредување на заедничкото работење. Во оваа насока се одржа билатерална средба помеѓу директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски и директорот на Царината на Србија Драгиша Петровиќ, заедно со делегации од највисокото раководство од двете страни, информираат од Царинската управа.
На денешната средба во Белград беа потврдени придобивките од досегашните активности – заедничките контроли со едно запирање на граница, взаемното признавање на овластените економски оператори, размената на податоци, како и меѓусебното признавање на белешките од мерење на товарните возила.
Ваквите билатерални средби претставуваат важна алатка за градење стабилни и долгорочни партнерства, како и можност за договор на нови чекори за забрзување на движењето на стоки и побрзи процедури на граница во насока на зголемување на конкурентноста на економиите на двете држави.
Во текот на дискусијата, двете страни се согласија за продлабочување на соработката при имплементацијата на новите царински ИТ системи, како обврска за напредок во процесот на европска интеграција; воспоставување на контакт точки со цел побрза и поефективна размена на оперативни и разузнавачки информации во реално време; дополнително олеснување на царинските постапки во согласност со Акциониот план за Заеднички регионален пазар и постапките во рамки на договорот за контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце како и соработка во организирање на заеднички обуки, работилници и консултативни состаноци.
„Нашата цел е јасна – олеснета трговија, побрз проток и посилна регионална соработка на патот кон ЕУ“, истакна директорот Николовски.
Директорот на Царинската управа на Србија, Драгиша Петровиќ, се согласи дека понатамошната соработка помеѓу двете институции ќе придонесе за целокупен напредок на двете држави и регионот.