Македонија
Заев: Покачувањето на платите во образованието и науката е вложување во човечкиот капитал
Со покачувањето од 10 отсто од 1 јануари, вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20,6 отсто имајќи ги предвид претходните две покачувања за само една година двапати по 5 отсто. Претходната влада за седум години обезбеди покачување на платите во образованието за 850 денари. Ние за 2,5 години ги покачивме 2.150 денари, рече премиерот Зоран Заев на потпишувањето на спогодбите за покачување на платите во образованието и науката меѓу Министерството за наука и образование и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, што денеска се одржа во Владата.
Тој истакна дека покачувањето на платите во образованието и науката, како и во секторите социјална заштита и здравство, доаѓа од определбата буџетот за 2020 година да биде посветен на инвестициите во човечкиот капитал.
„Тоа е инвестиција за нашата иднина, за нашиот економски раст. Тоа е инвестиција и еден од начините за решавање еден од нашите најголеми предизвици како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови и да ги направиме посреќни и помотивирани на нивните работни места. Оваа Влада одлучи да ја запре стагнацијата во вложувањето во луѓето во овие сектори. Ние го поттикнуваме инвестирањето во човечкиот капитал и во оваа насока во буџетот за 2020, во секторите здравство, образование и социјална заштита инвестираме вкупно 154 милијарди денари. Тоа е зголемување од повеќе од 10 милијарди денари во споредба со ребалансот од 2019 година, односно последниот буџет“, нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека вложувањето во образованието се прави затоа што идните сценарија за развој на нашето општество во политичкиот, социјалниот, културниот и економскиот сектор ќе зависат од придонесот на учениците во нашите училишта денес.
„Вложувањето во човечкиот капитал во образованието, во наставниците, професорите и научните работници е првиот чекор што го правиме. И нема да запреме тука, зашто првиот чекор, и секој нареден, е дел од амбицијата да создадеме образовен систем кој ќе биде генератор на нашиот општествен и економски развој“, рече премиерот.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, потенцира дека наставниците се најважната алка во воспитно-образовниот систем, и дека од нив, од нивната мотивација за работа и задоволство од извршување на работните задачи најмногу зависи квалитетот на генерациите што се создаваат.
„Без мотивирани наставници нема напредок. Разочараноста или, пак, оптималното ниво на задоволство кај нив може да гарантира само механичко извршување на функцијата на образовниот систем во насока на сервирање на образовните услуги кон граѓаните, кои всушност ги наложува Уставот и другите правни прописи во земјата, но не и нешто повеќе. Не и континуиран развој, не и создавање активни, креативни, критички настроени и иновативни генерации ученици. Затоа го правиме ова. Затоа се заложивме да ги стимулираме преку обезбедување на тоа што навистина и го заслужуваат од државата“, истакна министерот Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

