Македонија
Пендаровски: Армијата е во одлична кондиција

Армијата на Република Северна Македонија е во одлична кондиција ако се спореди што се случуваше во таа институција пред само две, три, пет години, изјави претседателот Стево Пендаровски по брифингот за борбената готовност на Армијата.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, го информира претседателот за состојбата во Армијата во 2019 година истакнувајќи ги позначајните активности во процесот на трансформација и достигнатото ниво на имплементирање на процедурите и обврските поврзани со членството во НАТО. Претседателот беше брифиран и за реализацијата на плановите и задачите во текот на 2019 година.
„Јас можам да кажам дека сум задоволен од она што го слушнав и од она што го знам од тековното информирање не само од овој брифинг. Армијата на Република Северна Македонија е во одлична кондиција ако се спореди што се случуваше во таа институција пред само две, три, пет години. И тоа не се должи само на енормно зголемениот воен буџет, морам да кажам повеќе од два пати е зголемен буџетот за следната година ако го компарирате со 2017 година. Значи, буџетот в година ќе биде 160 милиони евра, што е апсолутен рекорд кога станува збор за одвојување средства за воениот буџет од нашата независност од 90-тата година до денес. И, велам, повеќе од двојно во однос на 2017 и два иполпати повеќе од претходни години. Значи, не е само во тоа – постои едно раководство генерално, во државата и во овие ресори, кое има сосема поинаква стратешка парадигма“, изјави Пендаровски.
Тој потсети дека на лондонскиот самит Северна Македонија била третирана како да е полноправна членка на НАТО, што се должи не само на одвојување на повеќе средства туку и на поинаква политичка филозофија.
„Јас мислам дека можеме да бидеме задоволни со тоа што политичката поддршка на овој курс мора да продолжи и да остане – не на ова ниво, туку и да се зголеми бидејќи нема да ги завршиме сите работи со членството во НАТО. Имаме куп обврски што доаѓаат и како полноправни членки на НАТО“, рече претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АВМУ ќе врши мониторинг на медиумското известување во предизборниот период

По распишување на Локалните избори, закажани за 19 октомври 2025 година, започнува мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз радиодифузерите за начинот на известување во периодот пред започнување на изборната кампања и за почитувањето на одредбите од Изборниот законик што се применуваат со распишување на изборите.
До почетокот на изборната кампања, АВМУ ќе врши секојдневен мониторинг на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, со најголем просечен дневен досег до публиката, додека сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставки.
„При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите треба да ги почитуваат професионалните начела, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања, како и да ги почитуваат посебните забрани за поттикнување омраза и нетрпеливост. Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“, соопшти АВМУ.
Јавниот радиодифузен сервис и телевизиите на државно ниво треба да обезбедат информирање за изборниот процес и за лицата со сетилна попреченост, а за содржините што ќе ги направат пристапни во текот на изборната кампања треба навреме да ја информираат Агенцијата.
Од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања не е дозволено да се емитуваат реклами финансирани од Буџетот на државата, ниту платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури на група избирачи. Исто така, не е дозволено уредници, новинари, водители на програма и презентери истовремено да бидат ангажирани во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања. При објавување на резултати од испитувања на јавното мислење треба да се објават и сите неопходни податоци за конкретното истражување утврдени во Изборниот законик.
Радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да извршат регистрација во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ, најдоцна до 14 август 2025 година.
Како и досега, Агенцијата, на својата веб страница постави банер со материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки и сл. Банерот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик, и континуирано ќе се ажурира во текот на изборниот процес.
Македонија
На Табановце се чека по 40-тина минути за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е околу 40 минути, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро

Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро. Во тек е акција за негово пронаоѓање.
Според информациите на полицијата, денеска во 13.15 часот, во СВР Охрид и езерската полиција е пријавено дека И.Т.(52) од Република Бугарија, исчезнал при нуркање на длабочина од 89 метри во водите на Охридското Езеро, над селото Трпејца.
Од полицијата велат дека во акцијата за негово пронаоѓање се вклучени тимови од езерската полиција и Црвен крст со нуркачи од нуркачкиот клуб „Амфора“.